Претседателските кандидати денеска со средби со граѓани, трибини и митинзи ја продолжуваат изборната кампања со претставување на нивните програми и концепти.
На десеттиот ден од кампањата, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова ќе одржи митинзи во скопските општини Бутел и Карпош.
Карванот на коалицијата „Заедно напред“ на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе биде во Јегуновце, Теарце и Брвеница. Пендаровски ќе има трибини со граѓаните од овие три општни, а вечерта ќе се обрати на митингот што ќе се одржи на градскиот плоштад во Тетово. Покрај Пендаровски, на митингот ќе се обрати и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Претседателскиот кандидат Блерим Река, кој доби поддршка од БЕСА и Алијансата на Албанците, ќе има средба со докторите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, почнувајќи од канцеларијата на д-р Арбен Таравари. Вечерта ќе има средба со граѓаните во Брвеница.
Во досегашната кампања меѓу клучните теми на кандидатите беа Договорот од Преспа, проблемот со миграцијата на младите, перспективите за членство на државата во НАТО и ЕУ, но и дневно политички теми.
Според најавата од изборните штабови, Силјановска Давкова ќе се претстави на централен митинг во Скопје претстојниот викенд на 13 април, а ден потоа, на 14 април, централен митинг ќе има и Пендаровски. Река ќе има завршна конвенција на 18. месецов.
Кампањата официјално почна на 1 април, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето на 21 април.