Синдикатот на Клинички центар најостро го осудува физичкиот и вербален напад на медицинската сестра од Клиниката за интензивно лекување и реанимација – КАРИЛ и се надева дека нападнатата медицинска сестра брзо ќе се опорави и ќе продолжи како и досега со својата хуманост и знаење да им помага на пациентите, се вели во денешното нивно соопштение.
Од Синдикатот го искажуваат, како што велат, својот револт кон понижувачкиот статус на здравствените работници и соработници.
-Статус кој е резултат на долгогодишните политики во здравството кои доведоа до омаловажување и деградирање на здравствените работници и соработници. Во изминатиот период бевме сведоци на повеќе вакви немили настани поради кои се потпиша Повелба и Декларација со цел да се стопира ова насилство врз здравствениот персонал. За жал сето ова очигледно остана без практична вредност и употреба. Ја цениме и поддржуваме заложбата на Министерот за здравство за зголемување на безбедноста во кампусот клиники “Мајка Тереза“ и воведување полициски дежурства на критичните места каде во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти. Но, стравуваме таа заложба да не биде привремена и во служба на дневната политика, се наведува во соопштението на Синдикатот.
Оттаму бараат од надлежните институции воспоставување систем за заштита на достоинството и угледот на здравствените работници и соработници и 24 часовно професионално обезбедување во сите јавни здравствени установи во Република Македонија.
-Истовремено, спрема Синдикатот на клинички центар нужна е добро осмислена и организирана медиумска кампања за подигање на дигнитетот на здравствените работници и соработници, се посочува во соопштението.