Вистински СКАНДАЛ се случува во образовниот систем, а во спрегата се вмешани двете основни училишта „Владо Тасевски“ и „Братство“, општината Карпош како и Министерството за образование и наука.
Имено веќе запишани првачиња под партиски притисок од основното училиште „Владо Тасевски“ се отпишуваат под присила дека треба да се запишат во основното училиште „Братство“, но ништо немаше да биде спорно додека не се кршеше членот 63 од Законот за образование кој вели: Родителот, односно старателот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде што постојано престојува, како и членот 61 во кој се вели дека: За запишаните ученици училиштето истакнува список на огласната табла на училиштето, најдоцна до 15 јуни.
Родителите на речиси десетина деца веќе неколку дена мака мачат со притисокот кој го вршат двете училишта.
-Детето ми е запишано во градинката „Пролет“ која се наоѓа веднаш до училиштето „Владо Тасевски“, ги земавме сите потребни потврди и документи кои ги бараше училиштето за упис, исто така го посетивме и училиштето каде му беше направено интервју на моето дете и тест, потоа ми се јавија и ми честитаа дека моето дете го поминало тестот и дека од 1 септември може да започне во прво одделение. Притоа ми ги земаа и моите податоци уверувајќи се дека живеам во ренот на училиштето каде го запишувам детето, започнува да ја раскажува оваа голгота 33 годишниот родител и жител на Карпош.
Тој вели и дека секојдневно на детето му ги покажувал сообраќајните знаци, блиските продавници, трговскиот центар и пешачките зони подготвувајќи го за старт на нов почеток од септември. Детето се радувало што сите негови другарчиња од градинка ќе учат заедно со него, но потоа настанал вистински пресврт во оваа убава приказна на едно прваче.
-Ми се јави директорката од „Братство“ и ме фрапира со заканата дека моето дете мора да учи во тоа училиште, откако ја контактирав директорката на „Владо Тасевски“ таа ми рече дека се под притисок и дека мора две паралелки на македонски јазик да се формираат во другото училиште на територијата исто така на Карпош.
Другата наша соговорничка, пак исто така е во неверување дека нејзиното едно дете учи во „Владо Тасевски“, но другото кое ќе биде прваче од месец септември мора да го запише во „Братство“ поради притисокот и нечија партиска игра.
-Двете деца ќе ми бидат раздвоени, наместо заедно да одат и да се враќаат од истото основно училиште. Сите дечиња од маалото кои одат во иста градинка сега ќе бидат присилно одвоени бидејќи така наложило Министерството за образование и наука, но и општината Карпош, додава таа.
Третиот наш сведок пак вели дека парадоксално е да се нема право на избор во кое училиште ќе учи детето, а истото да се врши со присила.
Одговор побаравме и од Министерството за образование и наука кое јасно потврдува дека мора да се почитува Законот за основно образование.
„Согласно членот 63 од Законот за основното образование, родителот, односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Родителот може да го запише детето и во друго основно училиште во истиот или друг реон, ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон односно општина.
Основачот на училиштето, односно општината го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците во училиштата. Во текот на школувањето ученикот може да премине во друго основно училиште ако има согласност од училиштето во коешто преминува“, се вели во одговорот од министерството.
Општина Карпош пак, вели дека: „Запишувањето на ученици во десетте основни училишта во Карпош, се спроведува согласно донесената реонизација. Односно, МВР доставува список на ученици до општината, кои ќе бидат првачиња во тековната година и согласно местото на живеење се запишуваат во реонското основно училиште. Ова е и од практични причини, каде што секој се запишува во училиштето кое му е најблиску, но и во согласност со урбанистичките планови, за плански развој на населбите. Сите десет основни училишта располагаат со квалитетна инфраструктура и современи услови, со цел да се овозможи квалитетен образовен процес на учениците.
Одговор побаравме и од основното училиште „Владо Тасевски“ од каде вчера два пати не одбиваа со образложение дека секретарката не е тука, а потоа на вториот повик ни одговорија дека баш во тој момент директорката е на состанок (веќе познато), последниот повик вчера заврши исто така безуспешно.
Утрово исто така ја побаравме директорката Викторија Кочевска која ни рекоа дека е низ училиштето и да се јавиме за 15 до 20 минути, но за жал сите понатамошни обиди завршија со гаснење на телефоните.
Одговор побаравме и од училиштето кое го врши најголемиот притисок во случајов „Братство“ од каде ни изјавија дека одговорот да го бараме во другото училиште.
„Со братство немате врска, родителите нека одат каде таму што се жалат, јас ништо не знам, одговорот нека го бараат родителите во „Владо Тасевски“ зашто не се примени тие дечиња, тоа е од мене“, исцрпно ни одговорија во телефонскиот разговор од „Братство“.
Утрово исто така на родителите им пристигнала и пораката дека до денес мора да си ги подигнат документите на децата кои иако беа примени сега се избркани од училиштето.
Инаку ова не се први вакви скандали за двете училишта, јавноста е сведок на изборот на директор во училиштето „Братство“, како и за дрскоста на претходната директорка на „Владо Тасевски“ кон новинарите и несовесноста за време на пандемија како и за криењето на заразени наставнички.