среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Скопје како Бејрут, убиства и вооружени пресметки го полнат полицискиот билтен

Скопје како Бејрут, убиства и вооружени пресметки го полнат полицискиот билтен

Убиство, рафални истрели кон хотел, пукање од автомобили во движење. Ова се само дел од дневните настани евидентирани во полицискиот билтен во последниот месец кои внесоа дополнителен немир кај граѓаните.

Главниот град на Македонија се почесто станува арена на вооружени пресметки, најчесто криминални. Инцидентите зачестија, а вознемиреноста и стравот кај граѓаните се зголеми.

Последен во низата настани се случи синоќа на полноќ кога беше застрелан Борис Мутков – Фантом, додека се движел со возило, по што бил пренесен во приватна болница за укажување помош. Утринава од МВР информираа дека во врска со случајот приведен е 23 годишниот С.Е., но повеќе информации не се откриваат.

Фантом важеше за пријател и соработник до Џелал Ајети – Џељо од Арачиново, водач на криминалната група „Беланоца“ која се бавеше со лихварство и трговија со дрога.

Само неколку дена претходно, јавноста беше сведок на убиство кое во вечерните часови се случи во населбата Тафталиџе.

Сопственик на продавница, по расправија со зет за сестра, со пиштол го усмрти шурата, додека неговиот син го повреди. Како причина за убиството се наведуваат нарушени семејни односи и нарушени имотно – правни односи.

На почеток на овој месец полицаец беше повреден од огнено оружје откако е обидел да запре две лица за кои се посомневал дека ќе извршат кривично дело. Настанот се случил пред продажен објект на улицата „Методија Митевски“ .

Се уште е свежо сеќавањето на вооружениот напад кој се случи во хотелот Александар Палас. Во јавноста се појавија многу информации, а МВР соопшти дека било пукано кон пет лица кои седеле во ресторанот на хотелот, од страна на три лица.

Обвинителството за случајот отвори постапка против четири лица за загрозување на сигурноста на полициски службеници. Тројца од пријавените се лишени од слобода, а по четвртиот се уште се трага.

-Пријавените, како што информираат од ОЈО, ја загрозиле сигурноста на 11 службени лица  – полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање, на начин што упатиле сериозна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници. Во поглед на кривично-правниот настан кој следел во хотелот неколку часа по сега пријавеното кривично дело, од страна на Министерството за внатрешни работи се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица, се вели во соопштението.

Во врска со пукањето во „Александар Палас“, од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека јасно се потврдува тезата дека во Република Македонија постои тесна врска помеѓу подземјето и министерството за внатрешни работи.

-Целата македонска јавност знае дека во Скопје има два нарко картела кои што се директно заштитени од две различни групации од министерството за внатрешни работи. Тоа што се случуваше во Александар Палас во 21-ви век е само потврда за сето она што ние го говориме изминатиот период, истакна Ѓеорѓиевски. Во Палас имаше класична пресметка помеѓу две групации штитени од полицијата, едната е Арачиново другата е Грчец, а сега во моментов се гонат оние кои беа мета на ликвидација, а не оние кои што беа напаѓачи, изјави Орце Ѓорѓиески од ВМРО-ДПМНЕ.

На социјалните мрежи граѓаните коментираат се случува вистински ужас и црнила. Сметаат дека не се безбедни, а дадените ветувања на Спасовски се покажале како лажни.

Најнови вести