„Аквадуктот е прекрасен стар објект, кој на ова место му носи голема почит“, стои во записот на патописецот д-р Браун од 1669 година, за ова исклучително архитектонско достигнување.
Од Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ велат дека за жал, денес, во 2022 година, наместо да бидеме сведоци на Аквадуктот како туристичка атракција, ние континуирано се соочуваме со крајна негрижа за овој исклучително значаен споменик на култрата во Скопско и археолошка атракција од светски карактер!
-Аквадуктот денес е девастиран и незаштитен од страна на ресорното Министерство за култура, кое дури нема обезбедено ниту соодветна чуварска служба за овој објект, со што е оставен да биде мета на дивокрадци кои постепено ги оштетуваат ѕидовите со цел неговите материјали да бидат употребени како сегашен градежен материјал. Од 2018 година до денес заштитата и конзервацијата на Аквадуктот претежно се сведува на парадни прес-конференции и фотосесии на владини функционери без никакви значајни резултати во однос на заштитата на скопскиот Аквадукт. Последна вест што ја разбранува јавноста е информацијата во медиумите за изградба на патека за крос-мотори, но се чини дека и овој вандалски чин не стигнува до министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, која по сѐ изгледа, како и нејзините претходници од коалиција СДСМ/ДУИ, се грижи само за шетање и промени на кадарот во Министерството и институциите, велат од Комисијата.
Оттаму алармираат на Заклучокот на Владата дека Управата за заштита на културното наследство треба да иницира процес за експропријација на имотите во должина на Аквадуктот, заради кои е попречена целосната заштита и конзерваторско-реставраторските работи на објектот. Но, спротивно на својот Заклучок, ниту Владата, ниту Собранието за оваа намена немаат предвидено финансиски средства во буџетот на Управата за 2022 година. Средства за експропријација не се предвидени и во ребалансот на буџетот во програмата за капитални расходи каде не е одобрена ставка која се однесува на средства за оваа намена.
-Укажуваме дека без претходна експропријација е невозможно да се заврши процесот на целосна заштита и реставрација на скопскиот Аквадукт! Ги потсетуваме надлежните инстанци дека споменикот на културата – Аквадуктот во Скопје – со Одлука на Владата е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење со предвиден режим на заштита од прв степен, што значи дека и самата околина околу него подлежи на заштитен режим во согласност со Законот за заштита на културното наследство. Со донесувањето на Одлуката Аквадуктот се вбројува во уставната категорија „добра од општ интерес за Република Македонија“ и ужива посебна заштита во смисла и на Уставот на Република Македонија и на Законот за заштита на културното наследство. Бидејќи се работи за исклучителен објект на светското градителското наследство, дополнително, за околината што не е подложна на заштитната зона, ве упатуваме уште еднаш да го препрочитате членот 31 од Законот, односно „резервирана археолошка зона е просторно ограничено подрачје кое содржи какви и да било траги на човековото постоење во изминатите епохи, вклучувајќи и места каде што нема видливи остатоци на копно или под вода, чие ископување и истражување, заради заштита на таквите материјални остатоци, е оставено за идните генерации“, нагласуваат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.