среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Археолози во Ерусалим открија голем дел од аквадукт стар 2.000 години

Археолози во Ерусалим открија голем дел од аквадукт стар 2.000 години

Најдолгиот континуиран дел од античкиот аквадукт во Ерусалим е откриен во Гиват Хаматос, објави во денеска израелската Управа за антиквитети.

Дел од античкиот аквадукт, долг околу 300 метри, бил откриен при археолошките ископувања во областа пред планираниот развој на населбата од страна на општината Ерусалим. Општината планира таму да гради училишта.

Откриени се и голем број антички монети, вклучувајќи и монета кована во времето на Првата еврејско-римска војна.

Директориоте на ископувањата при Управата за антиквитети д-р Офер Шјам и Рут Коен забележуваат дека Ерусалимскиот аквадукт бил изграден за да ги задоволи растечките потреби за вода на древниот град.

„Во доцните денови на Вториот храм, градот Ерусалим значително се зголемил. Храмот бил обновен и водата што течела во цевки и цистерни повеќе не била доволна за илјадниците аџии и жители. Требало од далеку да се носи вода во градот“, велат научниците.

Така, за да ја задоволат зголемената потреба на Ерусалим за вода, Хасмонејците, а потоа и кралот Ирод, изградиле два аквадукта во Ерусалим. Еден од аквадуктите, Горниот аквадукт, насочувал вода во горниот град, кој денес е Еврејско и Ерменско маало на Стариот град. Вториот, Долниот аквадукт, носел вода во Храмот.

Аквадуктите биле извонредни инженерски достигнувања, секој се протегал на приближно 10 километри од Витлеемските извори од каде што водата течела до Ерусалим.

„Во темелите на аквадуктот од деновите на Десеттата легија, најдовме околу 25 монети расфрлани на релативно еднакви растојанија. Според нас, тоа не било случајно: тоа е сосема слично на обичајот денес, каде што таму се ставаат монети за среќа“, велат Шјам и Коен

Исто така, во инфраструктурата на аквадуктот е пронајдена монета од периодот на Вториот храм кована околу 67-68 година, за време на Големото еврејско востание, инаку познато како прва од трите еврејско-римски војни.