Република Македонија изгоре во пожари, а директорот на ДЗС, Аднан Џаферовски, човек од доверба на Зоран Заев, исто како својот шеф тера кампања и не го интересираат огромните штети кои ги трпат граѓаните и државата. Стотици хектари шума изгореа, а Џаферовски и Заев не покажаа никаков интерес да се справат со пожарите, истакна Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
-Денеска се наоѓаме пред Дирекцијата за заштита и спасување под раководство на СДСМ која е клекната на колена. Уништени се сите капацитети за справување со непогоди. Сериозно загрижуваат информациите дека Дирекцијата за заштита и спасување располага со 6 пилоти, од кои само двајца можат да летаат. Загрижуваат информациите дека тројца пилоти немаат обука и не можат да летаат, а земаат плата веќе 5до 6 месеци. Јавноста чека одговор за причините за катастрофалната реакција на авионите со кои располага ДЗС. Дали тие имаат расипан систем за автоматско полнење и заради тоа не црпеле вода од Охридското езеро, процес кој трае дваесетина секунди? Дали е вистина дека заради несовесното работење на првите луѓе во дирекцијата, авионите додека ги гаснат пожарите во Охридско и околината мораат да се вратат на аеродром за да наполнат вода и да потрошат час и половина, наместо директно да наполнат вода од Охридското езеро?, запраша Славева и додаде:
„Почитувани, месец март беше месец на пожари и пустош на шумите во Македонија, сведоци сме дека палењата продолжуваат и овој месец. Одговорноста има име и презиме. Тоа е Зоран Заев кој има поставено неспособен кадар на чело на ДЗС и неспособен министер за внатрешми работи кој не ги гони оние кои подметнуваат пожари. Одговорен е и неспособниот министер за земјоделие, но сите молчат, а шумата и селата во Македонија изгореа. Одговорност мора да има за оваа ненадоместлива загуба за изгорени национални паркови, животни и села. За почеток неспособниот директор, Аднан Цаферовски мора да си поднесе неотповиклива оставка“.