Едно лице со две прострелни рани е донесено вечерва во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ каде му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување.
-Вечерва околу 20.15 часот со приватно возило е донесено лице на преглед во нашата клиника. Констатирана е прострелна рана во предел на левото стопало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзани се и е поставена имобилизиција, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано, изјавија за МИА од Градската болница.
Како што посочија, досега е донесено само едно лице во оваа клиника.
Голем број полициски екипи се распоредени кај Скопската чаршија, каде вечерва во вооружена пресметка, како што потврди полицијата, загинаа две лица, а едно е повредено.
Известувачите на МИА информираат дека на терен се распоредуваат и дополнителни полициски единици,а пристапот кон Скопското кале е целосно блокиран.
Од МВР претходно информираа дека во СВР Скопје вечерва во 20.11 часот е пријавено дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.