По негативниот исход од состанокот на Европскиот совет во Брисел, политичките лидери во државава се согласија дека нема друга алтернатива освен евроинтеграцијата, па вчеравечер закажаа предвремени парламентарни избори на 12 април идната година.
Изборите доаѓаат по големиот број на скандали кои ја одбележаа оваа власт во изминатиот период предводена од Зоран Заев како и неработењето на целата влада и министрите на СДСМ.
Изминатиот период особено по мега скандалот за кои се заинтересира цела Европа, „Рекет“ анкетите се повеќе ја зацврстуваат идната победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори закажани за во април идната година.
Според најновата анкета која утрово ја објавивме според „Јуроп Елејтс“ (Europe Elects) околу шест проценти е разликата во рејтингот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Истражувањето било спроведено од 14 до 17 септември, годинава, односно пред фијаското на владата на Зоран Заев и СДСМ во Брисел во однос на датумот за отпочнување преговори за влез на Македонија во Европската унија.
Анкетирани биле 1.209 испитаници, а од нив 42,6 отсто дале поддршка за ВМРО ДПМНЕ, додека за СДСМ 36,6 отсто.
Исто така направена е и споредба со резултатите кои партиите ги постигнале на парламентарните избори во 2016 година. Па така, ВМРО ДПМНЕ има зголемување на рејтингот од 4,5 отсто, односно во 2016 партијата имала 38,1, а сега има 42,6 отсто. СДСМ, пак, има стагнација односно намалување од 0,1 отсто. Во 2016 година на изборите партијата имала 36,7, а сега 36,6 отсто.
Инаку пред неполн месец емисијата Детектор објави анкета која покажува водство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред владејачката СДСМ.
За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 21,1% додека за СДСМ својот глас би го дале 18,1%. Следува ДУИ со 4,5% и Алијанса на Албанците со 2,8%.
Кај определените гласачи односно тие што би излегле да гласаат разликата изнесува 6% во предност на ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така анкетата во месец септември направена за потребите на порталот МКД.мк покажува дека на прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори (за избор на влада) ВМРО-ДПМНЕ би било во водство со осум проценти пред СДСМ.“
Анкетата на агенцијата Маркет вижн спроведена за потребите на МКД.мк покажа огромен процент на граѓани што одбиваат да одговорат на телефонска анкета, што експертите го толкуваат како страв.
Од анкетираните граѓани, пак, што се определиле за некоја од партиите, во меѓусебната пресметка за 27,72 отсто повеќе граѓани би гласале за ВМРО-ДПМНЕ отколку за СДСМ.
Оваа разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на целокупниот примерок од анкетираните граѓани (1.200) изнесува 2,4 % (анкетата во јули разликата беше 1,5%). Огромен е процентот на граѓани што на прашањето за која партија би гласале ако утре се одржат парламентарни избори одговориле со „не знам“ (31,1%), „нема да гласам/бојкотирам“ (22,5%) и „не сакам да откријам/кажам“ (19,4%).
Според некои пресметки, оваа разлика во определбата на гласачите, на ВМРО-ДПМНЕ би му донела разлика од 10 пратенички места во однос на СДСМ.
Од партиите на Албанците од Македонија води ДУИ со 2,6 %, Алијанса за Албанците со 1,8 отсто, Беса со 0,3 %… Истражувањето покажа дека 0,3 отсто од гласачите би гласале за партијата Левица, 0,3 отсто за Турската партија, 0,2% за ДПА, 0,2% за ВМРО-НП, за ГРОМ 0,1%, за Глас за Македонија 0,1%…
Ова истражување покажа и уште еден тренд на зголемена разочараност на граѓаните од Специјалното јавно обвинителство, од правосудството, од работата на власта…
Анкетата беше спроведено од 17 до 24 септември со употреба на КАТИ (CATI) метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 6% (+-3%) и интервал на доверба 95%.
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол и возраст во однос на проценките за населението од Државниот завод за статистика од 2017 година. На барање на клиентот и поради споредливост на резултатите, албанската популација во примерокот е застапена со 20,7%.
Инаку ова лето во онлајн анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“ на прашањето: „Кога и како ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт?“, најголем дел од учесниците – 42,4 отсто одговориле дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт за една година со Христијан Мицкоски.
Исто така според актетата на М-Проспект направена во период од 5 мај до 7 јуни годинава на прашањето во кој политичар граѓаните имаат најголема доверба, секој трети граѓанин се изјаснил со одговорот дека нема доверба во ниту еден политичар.
Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски во истата анкета има раст на рејтингот за една година за цели пет пати.
Па така споредбено лани Мицковски овој период имаше 2,3 проценти, додека во најновата анкета има 11,7 проценти доверба кај граѓаните.
Според истата анкета доколку утре се одржат парламентарни избори секој четврти граѓанин (25%) би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека пак за СДСМ би гласале (23,1%).
Што е уште еден показател за неспособноста на владата предводена од Зоран Заев овие две години откако се на власт.
Во истата анкета за ДУИ би гласале (5,1%), за Алијанса за Албанците (4,2%) и за БЕСА (2,1%).
Споредено со резултатите од пред една година, може да се забележи дека гласовите за СДСМ се намалени (25.5% во 2018), а за ВМРО ДПМНЕ зголемени (20.6% во 2018).
Секој трети етнички Македонец би гласал за ВМРО ДПМНЕ – 34%, додека пак 26.6% би гласале за СДСМ. Од етничките Албанци 10.8% би гласале за СДСМ, 22.6% за ДУИ, 19.3% за АА, 9.8% за БЕСА.
Оваа анкета е уште еден доказ дека „Метлата“ на Заев е неуспешна и дека Владата предводена од него нема резултати во работата.
Освен овие анкети во изминативе неколку месеци јавноста беше сведок дека рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вртоглаво расте, додека довербата во владата на СДСМ и Зоран Заев нагло тоне.
Освен на Заев граѓаните во изминатиот период според анкетите не му дадоа преодна оценка ниту на судството, надворешната политика како и на владата која не се бори против корупцијата.