Договорот за решавање на спорот со името денеска треба да биде ратификуван во рамки на 51. седница на Собранието на Репубика Македонија.
Шефот на дипломатијата Ниола Димитров на собраниската седница која започна вчера рече дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент, има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.
– Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум, рече Димитров.
По донесувањето од страна на Парламентот договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.
Претседателот на државата во своето неодамнешно обраќање кажа дека нема да го поддржи ниту да го потпише договорот за спорот за името, кој според него, е штетен.
Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Собранието вчера ја започна постапката за ратификација на договорот, кој се носи во скратена постапка и со европско знаменце. По констатирањето на потребата за негово носење со 69 гласа „за“ и 40 „против“, се одржаа седници на Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија.
Против договорот гласаше опозициската ВМРО-ДПМНЕ чии пратеници ја напуштија работата на Собранието по ова прашање откако не беа прифатени нивните забелешки дека договорот треба да се разгледува на Комисијата за надворешни работи, каде претседател е поранешниот министер за надворешни работи и пратеник од оваа партија Антонио Милошоски. Тие се против менување на Уставот за промена на уставното име, што се предвидува со договорот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев изјави дека договорот е едностран, претставува капитулација за државата и геноцид за македонскиот народ. Според него, се наметнува ново име на државата и се крши уставот, со тоа што е прифатено да се користи за внатрешна употреба. Го обвини претседателот на Собраниети Џафери дека го крши собраинскиот деловник, законите и Уставот.
Министерот Димитров имаше обраќање и пред членовите на Комисијата за европски прашања.
– Договорот за името со Грција е компромис, со кој и ние и нашите грчки пријатели настојувавме низ сите овие месеци да го зачуваме тоа што ни е најбитно. Ние од наша страна се обидувавме и успеавме да го зачуваме идентитетот и сите атрибути на македонскиот народ, а Грција се обидуваше да добие дистинкција меѓу Македонија – државата и Македонија – регионот во Грција. Тоа е суштината на оваа спогодба, истакна Димитров, кој е потписник на договорот од македонска страна.
Овие денови, според него, се историски за Македонија, а текстот на договорот за него е одговорност, патриотизам и храброст.
Осврнувајќи се на суштинскиот член 1 од Договорот, министерот за надворешни работи истакна дека се предвидува официјалното име на државата да биде Република Северна Македонија или скратено Северна Македонија.
– Дали ова значи менување или значи додавање на одредница пред главната суштина на името Македонија? Северна е географска одредница. Северна е придавка, рече Димитров. Државјанството ќе биде македонско или граѓани на Република Северна Македонија. Официјалниот јазик ќе биде македонски јазик, додаде Димитров.
Според него, во насока на помирување и единство дома важно е да се признае дека „и тие што имаат различно гледиште на овој историски момент и историска раскрсница, исто така се патриоти што гледаат различно на работите“. Можеби не се, посочи тој, сосема свесни за влогот и за иднината, можеби има и недоволна информираност.
– Мислам дека е важно за оваа дебата за оваа толку важно прашање да прифатиме дека сите си ја сакаме нашата Македонија и сите сакаме да успееме и сите сакаме да си го зачуваме идентитетот и да си ги отвориме вратите на нашата иднина заради идните генерации без разлика што можеби различно гледаме, рече, меѓу другото, министерот за надворешни работи.
Пред зградата на Парламентот паралелно со почетокот на седницата се одржа и протест на граѓани кои се против донесувањето на договорот за спорот со името.
Етапна реализација на договореното
Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, беше усвоен во понеделникот на владина седница.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
Премиерот Зоран Заев синоќа во интервју за емисијата „Вистина“ на Канал 5 рече дека верува оти нашиот народ ќе донесе мудра одлука.
– Направив договор, не беше лесно да се постигне. Сега имаат шанса граѓаните, ќе се изјаснат дефинитивно на референдум. Јас сум убеден дека огромно мнозинство ќе ги поддржи овие перспективи кои и се на дофат на Македонија, рече Заев.
Премиерот тврди дека резултатот од референдумот ќе биде задолжителен без разлика дали ќе биде обврзувачки или консултативен.
– Тоа значи ако мнозинството на граѓаните е „за“ тогаш договорот е важечки, ако, пак, мнозинството е „против“ тогаш не важи ниту ратификацијата на договорот ниту, пак, договореното име, прецизира Заев.
МИА