Пратениците на денешната 116. седница треба да изберат потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, по што ќе ја одржат 111. седница на чиј дневен ред е Извештајот на Европската комисија за 2019 година и дел од Стратегијата за проширување што се однесува на Република Северна Македонија.
За нов потпретседател од страна на пратеници од ДУИ и СДСМ е предложен Зеќир Рамчиловиќ, кој од 1 ноември во Парламентот функционира како независен пратеник. Рамчиловиќ на местото потпретседател на Собранието доаѓа по оставката на Весел Мемеди.
Според најавата од претседателот на Собранието Талат Џафери денеска доколку има услови зависно од текот на седницата, во определен момент ќе биде прекината 116. седница и ќе продолжи 111.седница, на која треба да се гласа и за Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители, во прво читање.
На оваа седница пратениците ќе расправаат и за Годишниот извештај на Народниот правобранител за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2018 година.
На агендата на седницата се и неколку барања за давање автентично толкување на различни законски решенија.