вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Собранието повторно ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за името

Собранието повторно ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за името

Собранието на Република Македонија денеска треба повторно да гласа за Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името. Се враќа по вторпат на гласање бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на РМ.

Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во трето читање е единствена точка на дневениот ред на 54. седница на Собранието.

Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.

Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците.

Иванов за својата одлука за непотпишување на Указот за законот за ратификацијата на договорот наведе повеќе причини.

Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша

Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Eзеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).

Со договорот се признава – македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен. 

МИА

Најнови вести