Пратениците во рамките на претпладневниот дел од работата по дневниот ред на 130-тата собраниска седница одлучија повеќе законски решенија да се разгледаат по скратена постапка. СпикеротТалат Џафери ги задолжи матичните комисии да расправаат за предлозите и да го информираат кога ќе бидат седниците за да може тој да ги информира пратениците за рокот за поднесување амандамни.
Собранието не прифати по скратена постапка да се разгледаат предлог законите за дополнување на Законот за заштата на културното наследство, и за изменување и дополнување на Законот за одбрана, двата поднесени од пратеници од опозицијата.
Пратениците едногласно одлучија по скратена постапка да се донесе Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието со кој, како што кажа спикерот Џафери во образложението за потребата од носење по скратена постапка, се зголемува независноста на собраниската администрација во своето функционирање.
-Со измените на Законот се обезбедува посебен статус на државните службеници вработени во Собранието и се отстранува обврската да се бара согласности од Министерството за финасии за секое вработување во законодавниот дом. Со тоа се овозможува во Собранието да се постигне правична застапеност, рече Џафери и додаде дека предлогот е поддржан од сите пратенички групи во законодавниот дом.
Собранието одлучи по скратена постапка да се разгледа и Предлог законот за стратешки инвестиции.
По скратена постапка е одлучено да се донесат и предлог законите за изменување на Законот за евиденциите од областа на трудот, за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, на Законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност, на Законот за приватните агенции за вработување, како и предлог законите за задолжување за финансирање на проектот за администрирање на социјално осигурување, и за финансирање на проектот за модернизација на земјоделството. Одлука по скратена постапка да се усвојат беше донесена и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, за предлог законите за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, за отпис на камати и репрограмирање на долгови на јавни претпријатија, за субвенциониран студентски оброк, за изменување и дополнување на Законот за извршување и и за изменување на Законот за управување со отпад.
Седницата ќе продолжи по едночасовната редовна пладневна пауза.