Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 39. седница на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на КОВИД и спречување на негово ширење.
Пред пратениците, како последна точка, е и Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од Зиадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими и Хусни Исмаили.
На седницата се и повеќе предлог-одлуки, како и предлог-закони за измени или дополнувања на постојни законски решенија.
Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка и Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, двата во прво читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, Предлог-законот за изменување на Законот за енергетска ефикасност, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВУД-19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, по скратена постапка, Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка, се меѓу точките од деневниот ред.
Ќе се расправа и за измените на Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2021-2025 година, за дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, како и за Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор КОВИД-19 одговор на Северна Македонија – Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, наменет за финансирање мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.
На седницата се и Предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ” во Република Либан, Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот договор за безбедност на информации, измените на Одлуката за именување претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, изборот на членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност,….