вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Собранието треба да одржи продолженија на неколку седници

Собранието треба да одржи продолженија на неколку седници

Собранието денеска треба да ги одржи продолженијата на 54., 64., 69., 39. и на 71. пленарна седница.

На дневен ред на 54. седница се Предлог за избор на заменици на народниот правобранител, Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, Предлог на закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, Предлог на резолуција за правните и моралните аспекти на Ковид-вакцинацијата, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

На 64. пленарна седница останати за разгледување се Предлог на закон за дополнување на Законот за Јавното обвинителство, Предлог на закон за дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за земјоделство и рурален развој и Предлог-декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

На 69. собраниска седница неразгледани се Предлог на закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС), Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и на добиточна храна и фитосанитарна област во Западен Балкан, Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка.

Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка, е единствена неразгледана точка од дневниот ред на 39. пленарна седница.

На дневен ред на 71. седница се Годишните извештаи за 2021 година работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година. Пред пратениците се и Предлогот за кандидат за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, но и интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска.

На дневниот ред на 71. седница е и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, како и Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина и Предлог – законот за изменување на Законот за работните односи.

Годишен извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година, Информација за пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија – 2021 година, како и предлог – одлуките за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република, се исто така меѓу точките на агендата за собраниската седница.

Како што е најавено, на оваа седница пратениците треба да расправаат и по Предлог-законот за финансиска стабилност, за Предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка.

На седницата се очекува да се дискутира и по годишните извештаи за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2021 година, за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2021 година, на Агенцијата за електронски комуникации за 2021 година, на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2021 година, за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2021 година, како и за Годишниот извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2021 година.

Најнови вести