четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Состојбата со загадувањето е алармантна: Граѓаните обвинуваат дека државата нема соодветен пристап за справување (АНКЕТА)

Состојбата со загадувањето е алармантна: Граѓаните обвинуваат дека државата нема соодветен пристап за справување (АНКЕТА)

Огромниот проблем со загадениот воздух во Скопје беше тема на „Детектор“.

Резултатите од анкетата се алармантни. Јавноста со негативни оценки, но свесна за тоа колку загадувањето расте, а мерки нема!

Ова се резултатите од анкетата која ја објави „ДЕТЕКТОР“.

Споредбата со истражувањето кое ИПИС за Детектор го спроведе во јануари минатата година, покажува дека перцепцијата на граѓаните се влошила. Ако лани во истиот период 26,7% сметале дека земјава има соодветен пристап во справувањето со загадувањето, сега тој процент на граѓани паднал на 18,1%.

Ваквите податоци споредени со анкетата спроведена лани од истиот институтот, покажуваат дека расте свесноста на граѓаните за влијанието на загадениот воздух врз квалитетот на живот особено ако се има предвид дека средата оценка на истото прашање лани била 7,72.

6,41 е средната оценка на квалитетот на воздухот на скалата од 1 до 10 каде што 10 значи дека има екстремно загадување. Тоа значи дека споредено со лани, граѓаните сметаат дека имаме позагаден воздух, бидејќи во истражувањето во јануари 2019 оваа оценка беше пресметана на 5,73.

63,4% од анкетираните сметаат дека надлежните служби не вршат соодветен инспекциски надзор со цел да се намали загадувањето на воздухот. 10,3% се убедени во спротивното додека 26,3% немаат одговор. 36,8% сметаат дека фирмите кои загадуваат треба да бидат парично казнети, 20,1% сметаат дека треба да им се одземат дозволите за работа, додека 20,4% се за уште порестриктивни мерки кои ќе значат и парична казна и одземање на дозволата. 8,1% сметаат дека фирмите не треба да бидат казнети на овој начин. 62,4% од анкетираните сметаат дека со подобрување на јавниот превоз ќе се намали загадувањето на воздухот додека 30,3% не веруваат во тоа.

62,2% од испитаните граѓани од цела Македонија велат дека државата нема соодветен пристап за справување со загадувањето на воздухот.

Скопјани во најголем број, односно 78% сметаат дека градот нема соодветен пристап за справување со овој огромен проблем.

Најголемиот број граѓани или 22,9% сметаат дека главна причина за загадувањето е горењето и фрлањето на отпад. 22% се на став дека главна причина за загадувањето се фабриките и индустријата а 21% греењето и затоплувањето.

18,5% се на став дека најмногу загадува транспортот а 7,1% градежништвото. 18,9% од анкетираните граѓани велат дека во нивното населено место нема загадување.

69,6% од граѓаните велат дека не можат да си дозволат греење на струја за разлика од 24% кои се во состојба да се греат на овој начин.

Очекувано, колку се пониски примањата, толку е помала можноста на граѓаните да се греат на струја. Па така дури 77,5% од граѓаните кои земаат до 20.000 денари плата велат дека не можат да се греат на струја, за разлика од 50% од оние кои заработуваат над 60.000 денари кои го делат истиот став.

Доколку Македонија стане членка на ЕУ, 37,6% од граѓаните сметаат дека полесно ќе се надмине проблемот со загадувањето на воздухот. 17,5% сметаат дека членството во ЕУ ќе значи и потешко справување со загадувањето, додека 27% велат дека нема да има никаква разлика.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Градоначалникот Шилегов кој беше гостин во студиото имаше само забелешки за тоа дека оваа тема е политиканство, а не кажа зошто е дојдено до ова ниво на загаденост иако додека СДСМ беше во опозиција ветуваше чист воздух за граѓаните.

Енормното аерозагадување ни одзема 25 години од животот на секој човек во земјава.

На најголем удар се изложени жителите на Скопје и Тетово, се вели во истражувањето на Институтот за јавно здравје. Нивните студии покажале дека годишно во просек умираат 1205 лица во Скопје и 265 во Тетово како последица од канцерогениот воздух.

 

Најнови вести