петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Советот на Општина Дебрца не прифаќа депонија во селото Годивје

Советот на Општина Дебрца не прифаќа депонија во селото Годивје

Советот на Општина Дебрца едногласно одби да даде согласност на предлогот на Владата за основање регионална депонија во атарот на селото Годивје за одлагање и преработка на отпадот од населените места во Југозападниот плански регион.

Градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески на денешната прес-конференција истакна дека Советот како претставнички орган на граѓаните на Дебрца не е против Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на интегриран и финансиски самооддржлив систем за управување  со отпад во Југозападниот плански регион, ниту би бил против преземањето на ингеренциите од страна на Владата на Република Македонија во сосема други околности, туку само во целост ја почитува волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение.

– Ниту Советот на општината, ниту градоначалникот немаат право да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку најдемократскиот облик на лично изјаснување. За граѓаните на Дебрца, но и за пошироката стручна јавност која ја консултиравме, решението за регионална депонија да го бараат во срцето на Дебрца, не може да се оправда со ниту еден сериозен факт, а најмалку со игнорирање на нејзините жители, истакна Ногачески.

Тој забележа дека сите документи за воспоставување регионален систем за управување во Југозападниот плански регион биле донесени во крајно нетранспарентна постапка, без да се слушнат мислењата на засегнатите страни, стручната јавност, еколошките организации и граѓаните.

–  Во нив го нема мислењето на ЈНУ Хидробиолошкиот Завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Националната комисија за УНЕСКО. И самите документи еден со друг се во колизија. Во Регионалниот план за управување на отпад, изработен во 2016 година, на страница 276 и 277, како локација за депонијата се предлага затворениот рудник за лигнит во Осломеј, Кичево, ( Дебрца воопшто не се споменува), а во другите документи, изработени во 2017 година се предлага Годивје, Дебрца, нагласи тој.

Ногачески нагласи дека во време на силни акции за заштита на планетата Земја и кампањи за враќање на луѓето во руралните средини, заради нивната чиста и здрава природна средина, со проект како депонија во Дебрца  се загрозува еден од малкуте преостанати еколошки чисти региони во Македонија.

–  Во  нашата стратешката определба и визија за Дебрца нема место за проектот што го предлага Министерството за животна средина и просторно планирање, туку за идеи кои го промовираат еко капацитетот на Дебрца, како што се развојот на рурален туризам, здравствен и рекреативен туризам, производство на органска храна, рече Ногачески повикувајќи го Министерството за животна средина и просторно планирање да отвори нова дебата и расправа по прашањето што би била транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни.

Тој ги повика и членовите на Советот и градоначалникот на општина Охрид јавно да се произнесат по прашањето, со потсетување дека Дебрца е главната порта за влез во Охрид, Дебрца се белите дробови на градот.

Инаку, граѓаните на Дебрца планираат идната седмица да одржат и протест против плановите за депонија во Годивје, предупредувајќи дека ќе го блокираат сообраќајот на магистралниот пат што води кон Охрид.

Најнови вести