Претседателот Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија.
На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, меѓу кои е и премеирот Димитар Ковачевски, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, предвидено е изјава да даде претседателот Стево Пендаровски, соопшти прес-служабата на шефот на државата.
Францускиот предлог е причина и за средбата на премиерот Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Средбата е најавена за 15 часот во Клубот на пратениците.
По добивањето на предлогот, премиерот Ковачевски најави широки консултации со коалициските партнери, со претседателот на државата, со парламентот, со граѓанскиот сектор, како и со опозицијата.
– Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство. Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Македонија, соопшти Владата.
Инаку вчера со почеток од 19:00 часот пред Владата на Република Македонија се одржа голем сенароден протест под мотото „Ултиматум – НЕ благодараМ“ по повод францускиот предлог. Протестот беше подржан од илјадници македонски граѓани како и од опозицијата, меѓу која и најголема опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.