Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска пред амбасадорите од земјите-членки на ЕУ рече дека безбедносната состојба на државните граници во моментов е генерално поволна. Како главни предизвици тој ги издвои илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но не се регистрирани, напомена, посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.
-Во првите десет месеци спречени се 22 806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани. Најголем дел од обидите за илегални преминувања, впрочем како и во претходните години, се спречени на јужната граница со Република Грција, 20 858. На оваа граница е забележан пораст за речиси 30 отсто во однос на истиот период лани. Во однос на земјата на потекло на мигрантите при спречените обиди, доминираат мигрантите од Сирија со 9 290 кои во однос на минатата година се значително зголемени, додека во првите топ пет земји се вбројуваат и мигранти од Пакистан, 5 324, Авганистан 1 737, но и Индија, Мароко и Куба, рече Спасовски.
Според Спасовски, кој имаше излагање, а потоа и одговараше на прашања на амбасадорите, досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно, може успешно заеднички да се решат предизвиците.
-Со потпишувањето на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во земјава, воспоставивме одржливи, трајни решенија за справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Имплементацијата на овој Договор ќе придонесе за посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани, како и за ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијалните идни закани, а со тоа, како што додаде, и за справување со сериозниот криминал со прекугранична димензија, рече Спасовски.
Во однос на нелегалната миграција, тој ги издвои миграциските движења на „Западнобалканската рута“, како и влијанието на руската агресија врз Украина, при што информираше за аналитичките согледувања на ФРОНТЕКС кои укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија.
-Во 2022 година, од страна на земјите вдолж Западно-балканската рута пријавени се над 178 000 илегални преминувања од мигранти на и помеѓу гранични премини, што е за 75 отсто повеќе од истиот период во 2021 година, истакна Спасовски.
Тој информираше и дека активностите кои се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарење мигранти резултираа со откриени 89 случаи на криумчарење на 1 328 мигранти.
-Ваквиот резултат бележи значителен пораст во однос на периодот од јули до октомври 2022 година, што укажува дека криминалните групи ги интензивираат своите активности со цел да пренесат илегално што поголем број на мигранти на другата страна на границата. Карактеристично за овој период е што во три од случаите, возачите по забележување на полициските патроли, со возилата во кои ги превезувале мигрантите, предизвикале сообраќајни незгоди, при што со телесни повреди се здобиле 41 мигрант од Сирија, двајца полициски службеници и еден припадник на Армијата на Северна Македонија, подвлече Спасовски.
Во однос на одржувањето стабилна безбедносна состојба на границите со соседните земји, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, потенцираше дека е продолжено времетраењето на Одлуката за прогласување кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.
-Исто така, од декември 2015 година па наваму на јужната граница континуирано се имплементира заедничката меѓународна операција и која од март 2016 година па наваму е поддржана од Европската Комисија преку имплементација на ИОМ Проектот „Специјална мерка за поддршка на Република Северна Македонија во управувањето со границите и миграциите“, рече министерот за акцијата во која учествуваат странски полициски службеници од Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и – Србија).
Како еден од главните предуслови за ефикасно управување со границите и со миграциите, министерот Спасовски ја истакна ефикасната меѓународна соработка, а како главни приоритети ги издвои одржувањето и продлабочувањето и меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex – EBCGA, Europol, EASO) и на УН (IOM, UNHCR), како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF, итн.).
-За таа цел се учествува во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси (Салзбуршки форум, Будимпештански процес, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF Програма за гранична безбедност, КПС ЈИЕ, итн.). Со оглед на случувањата на т.н. „Западнобалканска рута“ во последните години, најинтензивна е соработката со земјите кои се дел или во нејзина непосредна близина. Соработката е на многу високо ниво, а особено треба да се истакнат заедничките и координирани операции кои со поддршка на DCAF се реализираат во земјите од регионот и во кои учествуваат земјите – потписнички на КПС ЈИЕ, истакна министерот Спасовски.
Осврнувајќи се на реформите во МВР, Спасовски рече дека изминатиот период два реформски процеса го одбележаа дејствувањето на Министерството.
-Гледано од денешна перспектива, двете најголеми реформи – следењето на комуникациите и реформата на разузнавачките служби ја постигнаа својата цел. Агенцијата за национална безбедност постои како посебен државен орган, изградена согласно стандардите на НАТО, а исто така функционирањето на ОТА го надмина големиот број на забелешки и недостатоци кои доведоа до масовно кршење на човековите права. Заокружувајќи ги сите параметри на овие реформи, не можам да не го споменам Советот за граѓански надзор, за чии функционирање се потребни дополнителни напори. Искрено се надевам дека Собранието ќе ги преземе неопходните активности за обезбедување на неговата функционалност, нагласи министерот Спасовски, при што како реформски зафати кои придонесоа за поголема контрола врз работата на полицијата ги истакна воспоставувањето на Надворешниот механизам за контрола кој се состои од две компоненти: посебното Одделение во рамки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Надворешниот механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител. (МИА)