понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Според Османи, платите на политичарите се мали, но треба бидат последни на листата за зголемување

Според Османи, платите на политичарите се мали, но треба бидат последни на листата за зголемување

-Потребно е зголемување на платите на политичарите, бидејќи се ниски, а тоа е важно прашање и во борбата против корупцијата и за привлекување поквалитетни кадри во политиката. Но, тие треба да бидат последните на листата на граѓани кои треба да имаат зголемување на платите, смета шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Секој политичар кој ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака, бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Се разбира дека секој би сакал да има поголема можност, но од етички аспект мислам дека политичарите треба да бидат последните на листата на граѓани кои што треба да имаат зголемување на платите. Да, треба, затоа што се скандалозно мали, меѓутоа, треба да бидат последни на листата, откако на сите ќе им се зголемат тогаш на политичарите. Демагогија е некој да каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани, изјави Османи на новинарско прашање, по засадувањето дрвца во Паркот на франкофонијата.

Тој појасни дека не е запознаен со деталите на одлуката на Уставниот суд која беше соопштена вчера.

Очекува за оваа одлука да стане збор на седница на Влада при што ќе го предочи ваквиот неговиот став, дека приоритет треба да имаат граѓаните, оние со примања блиски до минимална односно до просечна плата.

-Фокусот треба да биде на тоа, не само затоа што е добро за увото на граѓаните, туку поради морален, етички аспект на функционирање на државата, политичарите треба да бидат тие што даваат пример. И затоа е многу важно прво да се адресираат прашањата на социјално загрозените категории…, нагласи Османи.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на истото прашање изјави дека целосно се согласува со министерот Османи и дека на барање од службите веќе им дал насоки за овој месец платата да биде пресметана како и за претходниот.

-Ќе ја разгледаме одлуката на Судот. Ние континуирано донираме за социјално загрозени семејства, така што доколку има покачување, поголем дел од покачувањето ќе го дадеме за социјално загрозените семејста во општината, рече Герасимовски.

Со одлуката на Уставниот суд се укинаа член 4 и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со кои во изминатите години се одредувал фиксен износ како основа за определување на платите на функционерите, а останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според ДЗС. Последната основица изнесуваше 26.755 денари нето, а просечната плата за минатата година, која сега треба да биде основица за пресметка на платите на функционерите изнесува, изнесува речиси 32 илјади денари.

Најнови вести