Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ.
Претседателот Џафери ја запозна амбасадорката со тековните активности на Собранието, претстојниот попис на населението, важните закони како дел од европската агенда на земјата, како и за инклузивната соработка на сите пратенички групи и претставници на политички партии застапени во Собранието кои остануваат посветени на процесот “Жан Моне”. Претседателот на Собранието особено ја потенцираше важноста од меѓусебната билатерална соработка и продолжување на истата на највисоко ниво и на ниво на пратеничките групи за соработка, штом тоа ќе го дозволат здравствените услови. Упати благодарност за силната и континуирана поддршка што највисоките државни институции ја даваат на Република Северна Македонија на планот на европската интеграција на земјата и изрази очекување дека како НАТО сојузници ќе имаме плодна и континуирана соработка.
Претседателот Џафери уште еднаш изрази жалење поради катастрофалниот земјотрес што го погоди градот Петриња и пошироката околина на само неколку дена пред крајот на и онака тешката 2020 година во која целиот свет се соочи и се уште се справува со пандемијата на COVID-19.
Амбасадорката Тигањ го поздрави функционирањето на Собранието на планот на донесување на солидни реформски закони кои се во интерес на сите граѓани, при што ја повтори безрезервната хрватска поддршка на планот на нашите евроинтеграции и очекувањата за отворање на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година. Информираше дека Република Хрватска е лидер во регионот по твининг-проектите и со задоволство го најави 14.Твининг проект со Република Македонија во правосудството, поконкретно во областа на заштитата на личните податоци. Понуди експертска помош на владино и парламентарно ниво во процесот на отворањето на поглавјата, со експерти кои ќе можат многу да помогнат во градењето на капацитетите за преговори со Европската унија. Амбасадорката изрази благодарност за пријателскиот однос и поддршка во тешките моменти за хрватската држава и го реафирмираше многудеценсикото пријателство меѓу Република Македонија и Република Хрватска.
Соговорниците ја реафирмираа важноста од континуиран политички дијалог во насока на јакнење на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави и особено унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.