четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Средба на Џафери со претседател на Собранието на Косово

Средба на Џафери со претседател на Собранието на Косово

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и собраниска делегација составена од пратениците: Бејџан Илјаз, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Изет Меџити, членови на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Косово, денеска и утре престојува во официјална посета на Република Косово, на покана од Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Косово.

Во рамките на дводневната официјална посета ќе бидат остварени средби со косовскиот државен врв.

На средбата со домаќинот Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Република Косово, претседателот Џафери изрази задоволство од реализацијата на официјалната посета, како и од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу Република Македонија и Република Косово, кои се карактеризират со меѓусебна поддршка и почитување, отворен и конструктивен дијалог. Доказ за тоа, според Џафери, се бројните меѓусебни посети и средби на високи претставници од двете пријателски земји и одржувањето на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово во септември минатата година. Тој информираше дека Собранието на Република Македонија веќе го ратификуваше Договорот за соработка во туризмот меѓу Македонија и Косово, потпишан во рамките на заедничката седница на владите.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, оцени дека Косово ја чувствува Македонија како многу блиска земја и го подвлече значењето на успешната билатерална соработка, како и блискоста, пријателството и семејните врски меѓу граѓаните од двете земји. Тој се заблагодари за принципиелната поддршка на Република Македонија за евроатлантските аспирации на Косово и информираше за активностите што ги спроведува Собранието на овој план. Членството на Северна Македонија во НАТО тој го оцени како исклучително значајно во актуелната безбедносна состојба и порача дека без членство на сите земји од Западен Балкан во ЕУ и НАТО постои потенцијална опасност за безбедноста и простор за дестабилизација на регионот.

Соговорниците разменија мислења за можностите за унапредување на позитивната и конструктивна билатерална соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Собранието на Република Косово. Стана збор и за меѓусебната соработка и поддршка во рамките на меѓународните парламентарни собранија, а пред сè во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој на еднаква основа се вклучени сите држави од Југоисточна Европа.

Претседателите Џафери и Глаук разговараа за актуелните внатрешно политички состојби во двете земји и изразија јасна определба за продолжување на меѓусебната соработка, со цел високото ниво на добрососедски односи да се преточи во остварување на заложбите за заедничка иднина во Европската Унија и НАТО.

На средбата стана збор и за потребата за натамошно унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Република Македонија и Република Косово.

Беа разменети мислења и за дијалогот Белград – Приштина, при што претседателот Џафери го реафирмираше ставот дека Македонија го поддржува дијалогот во насока на постигнување конечен, заемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост.

Во врска со руската воена агресија врз Украина, претседателите на двете собранија најостро и безрезервно го осудија овој неоправдан, несовесен и  неиспровоциран чин, кој веќе однесе многу човечки животи и кој претставува флагрантно кршење на меѓународното право. Тие се придружија на повиците за итно запирање на воените дејствија и изнаоѓање на мирно решение преку преговори и дијалог. Северна Македонија и Косово ги поддржуваат реакциите на демократските земји и меѓународните организации и се придружија кон пакетот рестриктивни мерки кон Руската Федерација.

На крајот од средбата, пратениците Бејџан Илјаз, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Изет Меџити изразија задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово и се заложија за унапредување на соработката меѓу Парламентарните групи за пријателство во двете Собранија, преку  реализирање на заемни посети.

Најнови вести