Тетово и Гостивар поради епидемиолошката состојба со Ковид-19 ќе ја почнат новата учебна година онлајн.Оваа привремена мерка ќе важи само две недели и тоа само за средните училишта, но не и за основните училишта. За сите други ученици во земјава во основното и средното образование останува одлуката за одвивање на наставата со физичко присуство.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека по барањето на Општина Тетово за почнување на учебната година со онлајн настава во првите три недели, Комисијата за заразни болести одлучи само средните училишта да имаат наставен процес преку интернет и тоа за првите две недели во Тетово и Гостивар, а како ќе се одвива понатаму ќе зависи од развојот на ситуацијата.
-Една од главните причини за оваа одлука е состојбата во болниците кои се преполни, пациенти од Тетово и Гостивар се сместуваат во Скопје. Бројката на ученици во средните училишта е висока и може да биде дополнителен ризик фактор иако морам да потенцирам дека немаше трансмисија во училиштата минатата учебна година кога 40 проценти од учениците беа во училниците. Но мораме да сме внимателни сепак сега имаме преполни болница и не може да се преземе ризик да се случи уште едно дополнително влошување на состојбата. Добро е што бројките на заболени се намалуваат. Масовната имунизација и стекнатиот имунитет веројатно е го прави бранот поразличен, но за да потврдиме ова треба уште некое време треба да помине. Опфатот на вакциниција порасна од 23 на 35 отсто во Тетово, рече Филипче по средбата со градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
За предлогот на Општина Тетово да се бараат задолжителни негативни тестови од невакцинираните просветни работници истакна дека тоа се предлози за кои ќе се разговара на владиниот Главен координативен кризен штаб, а Владата на седница носи одлука.
-Точно е дека во повеќе европски земји луѓето носат мерки со цел да се зголеми опфатот со вакцинација и ние ги гледаме тие пораки и тие предлози. Сега се вакцинирани близу 70 проценти од вработените во училиштата. И верувам дека тоа и почитувањето на мерките, ова важи за територијата на целата држава за сите училишта, дека навистина ќе придонесе да имаме една од епидемиолошки аспект мирна учебна година. Еве сега, дополнителен придонес е вакцинацијата не само таму туку и на општото население, така што за сите предлози ќе се дискутира и на Штабот и на Владата, изјави Филипче.
За наставата на универзитетите во полошкиот регион, како што рече, посебно ќе се разговара со нив со оглед на посебните карактеристики кои ги имаат овие образовни установи.
Како што информираше вчера министерката за образование и наука, Мила Царовска, во соработка со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други активно се работело на подготовка на училиштата за прием на учениците.
– Се работеше и на непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата концепција за основно образование, изјави Царовска по посетата на основното училиште „Дане Крапчев“ во општина Гази Баба,
Таа апелираше на највисока одговорност од сите засегнати во образовниот систем. Посочи дека најважно е да се биде одговорен, бидејќи наставата и оваа година се организира во услови на пандемија, но Министерството е подготвено за брза транзиција кон друг модел и непречено одвивање на образовниот процес.
Директорката на ОУ „Дане Крапчев“ Виолета Стоилевска изјави дека се подготвени за почетокот на новата учебна година со физичко присуство и оти се обезбедени сите дидактички материјали што се потребни на наставниот кадар.
Според градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, сите 11 основни училишта во Општината навремено се подготвени за почетокот на учебната година, без разлика по кој модел ќе се одвива наставата.
– Подготвени сме да гарантираме безбеден престој и настава на учениците со физичко присуство, но подготвени сме и за комбинираниот модел или модел на онлајн настава, рече Георгиевски.
Тој информираше дека голем процент од наставниот кадар во училиштата од Општина Гази Баба се вакцинирани, што според него дава дополнителна сигурност за безбеден тек на наставата.
Наставничката Гордана Павлова од ОУ„Дане Крапчев“, која предава во четврто одделение и ќе реализира настава по новиот концепт за образование, пак, исто така истакна дека училиштето е подготвено за почеток на новата учебна година, а ако има потреба подготвени се и за комбиниран модел на настава.
– Правилата и протоколите за однесување во училиште и училница веќе им се познати на учениците, бидејќи минатата година успешно ги спроведовме без последици. Ние наставниците од четврто одделение поминавме обука за реализација на новата програма и подготвени сме за почеток на наставата. Изготвени се годишните програми, тематските планирања, рече Павлова.
Согласно одлуката на Владата, наставата треба да започне со физичко присуство за сите ученици. Исклучок се учениците кои имаат хронична болест и оние кои имаат член од семејството со хронично заболување. Од физичко присуство во училиште може да биде ослободен и ученик кој поднел барање од немедицински причини, но за тоа ќе одлучува училиштето и советот на родители.