Последните вести за справувањето со пандемијата одат вака: Во САД веќе тече вакцинација и се набавува втора тура на вакцини. Во ЕУ тргнале првите камиони од Белгија, а имунизација почнува од 27 декември. Во регионот, од утре почнува вакцинацијата во Србија. А, согласно најавите во Македонија, според планот на Заев и на Филипче, вакцините во Македонија се очекуваат во првите месеци од следната година. Внимавајте, не денови, не недели – првите МЕСЕЦИ од следната година, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Или повторно Заев и Филипче чекаат решението да им падне од небо! За потсетување – така беше уште од почетокот кога сите се подготвија со тестери за корона – ние уште немавме. Сите создадоа СИСТЕМ за заштита од корона, ние „блескавме“, а резултатот на тоа е најголема смртност во регионот поврзана со корона и држава во економска рецесија!
Филипче денес не знае ниту кога ќе дојдат вакцините од Бугарија, ниту колку би дошле, ниту дали евентуално ќе дојдат вакцини, затоа што од таму е испратена порака, накусо:
„Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против КОВИД-19, по покривањето на националните потреби ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Македонија“, директна порака од бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов.
Знае ли Филипче: колкав број на вакцини се потребни во Македонија, дали ќе и остане на Бугарија, прашање е како и дали тие навреме ќе бидат обезбедени или ќе чекаме „донации“ кој колку може? Што ако Бугарија ги потроши сите дози? Или евентуално го сврте грбот? Тоа Филипче мора да го одговори! Прашање е и колку животи, па и колкумина ќе останат со тешки последици заради доцнењето на Филипче?
Одговор „првите МЕСЕЦИ од следната година“ е премногу неодреден и прави огромна разлика. Така Филипче велеше дека не очекува повеќе од 2.000 заболени за денес да имаме црна бројка од над 2.000 починати! Филипче може да играат со такви паушални изјави, на пример колку цигли му требаат за приватната касарна на Водно. За ваква неодговорност, со неодговорност кон здравјето на целата нација, Филипче, Заев па и Караџовски мора да сносат одговорност!