четврток, 14. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Стоилковски: Злосторничко здружување за легализација на фабрика за марихуана на СДСМ?

Стоилковски: Злосторничко здружување за легализација на фабрика за марихуана на СДСМ?

Криминалот и корупцијата се ракот на Македонија кој што метастазираше со мафијата на власт.
До сега посочувавме за евтиниот театар поврзан со дивоградбите, театар за лажење на јавноста за некакво спроведување на правото, а всушност за криење дека и Чаир и Град Скопје правно и финансиски комуницирале со инвеститорот на дивоградбата кај Мавровка, изјави на денешната прес конференција, Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Денеска ќе предочам за скандал, афера и веројатен тежок криминал, зад кое постои можност за сериозно огромно злосторничко здружување во градежно урбанистичкиот сектор. И секако на услуга на нарко бизнисот на мафијата на власт.Како е можно, среде ниви, среде земјоделско земјиште да никне огромна дивоградба- цела фабрика за масло од канабис, а градоначалникот, локалниот совет, урбанистичкиот сектор на рурална општина, за тоа да не знаат?Како е можно геодет да издаде елаборат потребен за легализација ама на непостоечки објект? Како е можно врз основа на тој елаборат во најголема брзина градоначалникот да легализира дивоградба? И како е можно веднаш потоа, фирмата на сопствениците на легализираната дивоградба да добие лиценца од првите издадени лиценци за работа со марихуана во земјава? Прашувам јавно, а ЈО за организиран криминал треба да одговори, дали е тоа можно само ако се работи за злосторничко здружување во чија што основа лежат политички врски?, истакна тој.

Зоран Заев е творец и заштитник на нелегално градење и криминално легализирање. И тој модел се уште се спроведува и штити од страна на мафијата на власт. Сите споменати погоре се дел и припаѓаат на една иста група, сите се членови на СДСМ. Сосопственици на дивоградбата се поранешниот пратеник на СДСМ- Драган Ѓорѓиев и партискиот поддржувач Атанас Јанушев, двајцата од Ново Село; Градоначалникот на Босилово е Зоран Зимбаков кадар на СДСМ; Претседател на Советот на Босилово е Ѓорѓи Аризанов експретседател на ОО СДСМ во Босилово; Геодетот кој што изработил елаборат е Сребре Нечовски- експретседател на ОО СДСМ Могила; Тој што го воведе нарко-бизнисот во Македонија за што Ѓоргиев експратеникот доби лиценци е Зоран Заев, посочи Стоилковски.

-Мора да нагласам дека експратеникот Драган Ѓоргиев од Ново Село и Зоран Заев од Струмица добро се познаваат, барем најмалку три години како пратеници во македонскиот парламент, во истиот состав 2002-2006 година. Градоначалникот на општина Босилово Зимбаков, на први јуни, 2018 година, врз основа на Одлука на Советот од 31 мај, значи само ден претходно, потпишува и издава решение за легализација на бесправен објект, со намена Г2-6, објекти од лесна и незагадувачка индустрија на КП бр. 275 во КО Петралинци. Објект со вкупна внатрешна површина од над 575 метри квадратни – деловен и помошен простор. Во решението што го потпишува е наведено дека сосопствениците, експратеникот Ѓорѓиев и Јанушев поднеле барањето за легализација на објектот, со уредно запишан број архивиран со датум од 16 април 2016 година. Сепак имотот е купен во февруари 2018 година, од еден сопственик, а се работи за земјоделско земјиште „Нива“ од трета категорија. Во купопродажниот договор ниту се споменува објект, ниту дека има објект за кој што е поведена постапка за легализација. Имотот според катастарскиот извод од 14 март 2018 година е плодно земјиште- нива. А за да се реализира легализацијата, стојат потпишани изјави од Ѓоргиев и Јанушев дека градбата- предмет на легализација била изградена во 2010 година.
Геодетскиот елаборат, потребен за легализација е потпишан од Сребре Нечовски од Агенција за недвижности и Биро за геодетски работи ДООЕЛ НОВА 2006-Битола , е издаден 15 мај 2018 година, а во него се наведени сета квадратура и сите содржини на објектот: граден од бетон и тула, а запишани се канцеларија, алатница, просторија за обработка, менза, магацин, соблекувална итн. И за сето тоа има нацрт, мапа, мерни податоци. Се што е потребно за да се заврши легализацијата на едно дивоизграден објект.
Да ги сумирам фактите со датуми, на кусо, за да се формира сликата:
Кон крајот на февруари 2018 е купена нива земјоделско земјиште од трета категорија;
Битолска фирма започнува геодетски мерења потребни за легализација;
Барањето за легализација наводно е поднесено на 16 април 2016 година;
Сосопствениците потпишуваат и даваат изјави дека дивоградбата е градена 2010 година, а дека двајцата поднеле барање за легализација во 2016 година. Две години пред воопшто да бидат сопственици на имотот;
На 15 мај 2018 година е издаден елаборатот со сите премери, нацрти и детален опис. На 31 мај 2018 Советот носи одлука за легализација. На 1 јуни 2018 Градоначалникот потпишува и издава решение за легализација. И истиот тој 1 јуни, експратеникот Ѓоргиев и ортакот Јанушев сега легалната дивоградба заедно со 22.000 метри квадратни земјоделско земјиште, создадено со окрупнување со околните парцели, го издаваат на компанијата чии што сосопственици се двајцата, и каде што фактички започнува фабриката за марихуана.
И тоа фирма која што двајцата ја регистрираат на 16 април 2018 година,односно еден месец пред да го добијат елаборатот . Фирмата „КАНАБИС ПРО“, која е на двајцата сосопственици на објектот и која е во првите кои во април 2019 добива лиценци за работа во нарко бизнисот, нагласи портпароло на ВМРО-ДПМНЕ, Стоилковски.

-Почитувани, следува шлагот на оваа крими- приказна:
САТЕЛИТСКИТЕ СНИМКИ ОД 2018 ГОДИНА ПОКАЖУВААТ ДЕКА ЛЕГАЛИЗИРАНИОТ ОБЈЕКТ, СЕГА ФАБРИКА, НЕ ПОСТОЕЛ ВО ПЕРИОДОТ НА НЕГОВА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА;
СПОРЕД САТЕЛИТСКИТЕ СНИМКИ, ПО КУПУВАЊЕТО НА НИВАТА, ЗАПОЧНАТО Е СО РАСЧИСТУВАЊЕ НА ТЕРЕНОТ ВО МАРТ 2018 ГОДИНА;
ОДНОСНО КОГА Е НАПРАВЕН КУПОПРОДАЖНИОТ ДОГОВОР НА 23 ФЕВРУАРИ НЕ ПОСТОИ НИКАКОВ ОБЈЕКТ. НИТУ Е ИЗГРАДЕН ВО 2010, НИТУ БИЛ ПРОДАДЕН, ОДНОСНО КУПЕН ИМОТ НИВА СО ОБЈЕКТ;
ТОЈ ЦЕЛОСНО СЕ ПОЈАВУВА ДУРИ ВО МАРТ/ АПРИЛ СЛЕДНАТА, 2019 ГОДИНА.


Почитувани, ова е скандал. Постои можност за злосторничко здружување- урбанистички сектор на мафијата во кои се вклучени блиски на Заев, експратеници на СДСМ, советничка група на СДСМ, општински урбанисти, градоначалник, класичен криминал и мафијашко однесување. Постои можност за двојно книговодство, за чувани бројчиња во архивските книги за легализација на непостоечки објекти. Барање за легализација поднесено од 2016 година, кога воопшто барателите не го поседувале имотот и со кој што се стекнуваат дури две години подоцна. Постои можност на ваков начин, преку криминална легализација да се изиграни повеќе закони. Прво Законот за градење во земјоделско земјиште, имајќи предвид дека станува збор за нива од трета категорија. Второ Законот за легализација на дивоградби кој што прецизира и опфаќа градби до 3 март 2011 година. Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување на геодетското биро од Битола, за можна изработка на елаборат за легализација на непостоечки и неизграден објект. Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на општинските урбанисти, советници и секако градоначалникот на Босилово Зимбаков. И секако постои сериозна индиција за постоење злосторничко здружување за изигрување на законите, нанесување штета на буџетот, со цел остварување на профит.
Јасна е поврзаноста на сите инволвирани, преку членување и функции во една политичка партија, а тоа е СДСМ, вели тој.

Стоилковски истакна дека Јавното Обвинителство за организиран криминал мора да поведе истрага, по допрен глас.

-ЈО мора да одговори: Дали зад легализацијата на цела една фабрика среде нива, во атарот на село Петралинци, општина Босилово, се крие злосторничко здружување со една цел- избегнување на вадење на сите потребни документи, за кои што треба време, за да се стигне на време за да се добие лиценца за нарко бизнис? Сите документи потребни на ЈО за истрага, за можна криминална легаллизација на дивоградба, за КП бр. 275 во КО Петралинци, каде што е сместена фабриката за марихуана „КАНАБИС-ПРО“ ДОО увоз извоз, може да се најдат во архивот на општина Босилово, во Катастарот, кај геодетската фирма од Битола „НОВА 2006“, а најпотребната алатка е Гугл мапс- про, алатка која што е признаена за водење на катастарски книги. Јавната бвинителка за организиран криминал Вилма Русковска, не смее да остане глува на оваа прес конференција. Бараме отворање на истрага веднаш. Мафијата на власт мора да се соочи со правниот систем. Ваквите криминогени дејства, не може да се покриваат со крими-театар како оној кај ТЦ Мавровка. Не ги покриваат ниту 100 министри за борба со корупција ако се тие од СДСМ, особено ако се блиски на Зоран Заев. Бараме правда ВЕДНАШ. Бараме справување со мафијата ВЕДНАШ. Или Македонија или мафијата!, заклучи Стоилковски.

Најнови вести