Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ бара повлекување од собраниска процедура на Законот за заштита на населението од заразни болести и организирање на јавна расправа во Собранието, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сакаме да нагласиме дека, во текот на вчерашниот ден, овој скандлозен закон беше само тргнат од дневниот ред на 95-тата седница на Собранието, што не значи дека истиот не може да биде повторно ставен на некоја наредна седница. Најпрвин, сакаме да ја истакнеме, по не знам кој пат, злоупотребата на европското знаменце. Самиот закон се усогласува со донесени регулативи во 2013 и 2018 година, кога Ковид 19 воопшто не беше појавен и оттука нема никаква логика истиот да се разгледува на Комисијата за европски прашања. Матична комисија за овој закон треба и мора да биде единствено Комисијата за здравство. Самиот министер најави дека овој предлог на закон се носи, заради озаконување на мерките на Комисијата за заразни болести. Дали ова значи дека, и покрај нивното катастрофално справување со пандемијата предизвикана од Ковид 19, сите тогаш донесени мерки се незаконски?!? Исто така, министерот за здравство изјави дека измените се носат заради Ковид 19, но може да важат и при евентуална епидемија на морбили. Значи ли ова дека учениците нема да смеат да одат на училиште, иако постои Закон за задолжително основно и средно образование?!?, вели Стојаноска.
Таа додава дека најскандалозниот член од овој предлог закон е членот 10, со кој би се ограничило движењето на невакцинираните, а притоа воопшто не е прецизирано за кои вакцини се мисли. Ова отвора сомнеж за евентуални нови тендерски криминали за набавка на нови сомнителни вакцини?!?
-Иако вчера, на наше барање, беше тргнат законот од дневен ред, сепак, знаејќи какви задкулисни игри игра оваа власт, будно ќе го пратиме процесот и повторно ќе алармираме, доколку истиот закон се обидат да го прошверцуваат на некоја наредна седница. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат квалитетно здравје и широки дебати при носење на закони кои се однесуваат на истото и затоа, повторно ќе нагласам, бараме комплетно повлекување на законот од собраниска процедура и организирање на јавна расправа во рамките на Комисијата за здравство, на која експертите и сите засегнати страни ќе можат да ги вкрстат аргументите, вели Стојаноска.