Морам да ја споменам онаа анкета која и американската амбасадорка ја обелодени дека довербата во судството е само 8% и неизбежно е да се спомене што им беше фокус оваа недела во парламентот, односно како законот за судии и јавни обвинители да го прошверцуваат преку закон за работни односи, комисија за европски прашања, законодавно правна комисија и до пленарна седница која ја свикаа по пратенички прашања што никогаш досега се нема случено, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Таа посочи дека Тупанчевски требаше да биде предлагач на овој закон и да го образложи овој закон, но власта го поднесе на шверцерски начин.
– Сега гледаме дека Тупанчевски коментира за законот, а тој требаше да го предложи но во форма на закон за судии и јавни обвинители, а не овој закон да го потпишува Артан Груби, а потписник на празната табела кога треба да биде полна и се однесува за усогласување со европското право, бидејќи му ставија европско знаме, да биде министерката за труд и социјална политика. Апсурд и преседан, рече Стојаноска.
Стојаноска нагласи дека има многу седници со по 30 пријавени кои чекаат на ред, но нив им беше поважно да помине овој закон и тоа се нивните намери.
– Целта им е да се обезбедат за наредни години преку судии и јавни обвинители кои ќе судат според нивните насоки за да не одговараат за тоа што досега го направија. Но не успеаја. Тука се докажа цврстата желба на ВМРО-ДПМНЕ, дека вакви криминални закони со затскриени намери не смее да поминат. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги спречи, покажува дека се залагаме за утре институциите да работат строго според закони, изјави Стојаноска.