Власта оддамна го изгуби компасот и забега во својата арогантност и криминал. За власта повеќе нема приоритети. За неа повеќе не се важни граѓаните и нивните потреби во услови на тешка економска, прехранбена и енергетска криза, туку најважно е личното богатење, криминалот, како и партиско-коалициските пазарења и делење на министерски функции и фотелји. Токму тоа се случува денес во Собранието на Република Македонија, изјави денеска за медиумите Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека наместо да разговараат за мерки и помош на граѓаните од социјално ранливите категории, за справување со високите цени на горивата, за поддршка на стопанството или компаниите, власта и нејзините пратеници сметаат дека поважно е да се разговара за кандидатот за министер Ристо Пенов или за нивните партиски кандидати за уставни судии.
– Апсурдот да биде уште поголем, СДСМ и Ковачевски постојано и бомбастично ги најавуваа мерките кои што, внимавајте, на вонредна пленарна седница ќе ги гласале и ќе им помогнеле на граѓаните и стопанството. Но, на дело го покажуваат лицемерието, зборејќи едно, а правејќи сосема друго. Впрочем, тоа и не е нешто ново од СДСМ и Ковачевски. Така работеле порано, така работат сега, така ќе работат и понатаму. Сепак, ова е далеку од наивно, напротив, ова е крајно несериозно и загрижувачки. Доколку грижата на власта беше вистинска и искрена, точките на дневен ред на денешната седница кои се однесуваат на мерки, помош и поддршка за граѓаните, немаше да бидат на срамните 3, 13 и 16 место, туку ќе беа први три точки на дневниот ред. Но за жал, Ристо Пенов е приоритет, а граѓаните не. На крајот, сакам да потенцирам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во текот на вчерашниот ден упорно укажуваше на ова, но на власта и мнозинството око не им трепнува. Дадовме предлог прво да се разговара за овие три точки, но мнозинството без тронка срам, тоа го одби, појасни Стојаноски.
– Почитувани граѓани, токму ова е суровата реалност со која што живееме и се бориме секојдневно. Ова е животот кој што го донесе оваа власт предводена од СДСМ и ДУИ. Наместо подобро утре за сите, тие донесоа изместени вредности и приоритети, понижувања, криминал и богатење, како и скандали и тендери. Дури и од СДСМ, ова е премногу и ова конечно мора да престане, додаде пратеникот.