Бирото за јавни набавки испратило допис до институциите, министерствата, агенциите, државните и јавни претпријатија и општините во кој ги опоменува институциите дека некои од нив по склучување на договорите кои се резултат на тендерската постапка не ги прикачуваат поединечните цени по ставки. Ова е тој допис. Дел од институциите кои се водени од кадри на СДСМ ги кријат единичените цени во тендерските постапки. И со тоа го кршат Законот и фрлаат сомнеж за злоупотреби, изјави на денешната прес конференција за медиумите, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Изминативе денови објавивме како Петре Шилегов, Златко Марин, Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, министерството за транспорт и врски и Државни патишта трошеле милиони народни пари, а потоа не ги објавувале поединечните цени на страната на Бирото за јавни набавки. Што кријат овие функционери и зошто го прекршиле Законот за јавни набавки и неговиот чл.70 ст.3, прашува тој.
Стојаноски прашува дали зад необјавувањето на единечните цени се крие можно прикривање на преплатени производи и услуги како случајот во Аеродром, како што Златко Марин платил 250 евра за обрач за кош и 300 евра за корпи? Или набавката на противпожарното возило со скала на Петре Шилегов, кое го платил по цена двојно поскапа од тоа што Град Загреб платил за идентично такво возило?
– Дали преку прикривање на единечните цени со нивно необјавување власта крие злоупотреби? Овие институции имаат законска обврска да ги објават единечните цени, а доколку тоа не го сторат, Бирото за јавни набавки може да ги блокира. Очекуваме Бирото за јавни набавки да постапи согласно Закон и да ги блокира овие институции, а ДКСК и ЈО да отворат случаи веднаш. За ваквите случаи одговорност мора да има, додаде тој.