„Се наоѓаме во локалитетот Кучково на местото на старото основно училиште каде отпочнуваме со реализација на еден исклучително значаен проект од национално значење, а не само од регионално. Приказната продолжува, а се однесува на рехабилитација на овој стар објект овдека и негова пренамена во центар за ресоцијализација и рехабилитација на дечиња што се избориле со карцином“, истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски при денешната активност во рамки на промоција на центар за ресоцијализација и рехабилитација на дечиња што се избориле со карцином.
Тој додаде дека објектот ќе има капацитет да прими 15 дечиња со по еден родител, односно капацитет со 30 присутни.
„Идејата, односно проектот го спроведуваме преку „Скопски плански регион“ и истиот е финансиран и поддржан од швајцарската агенција за развој, министерството за локална самоуправа и општината Ѓорче Петров, а го работиме партнерски заедно со невладината организација „Сано“ која има долгогодишно искуство во работа на ваков тип на проекти“, посочи Стојкоски.
Тој кажа дека самиот центар има благородна и хумана мисија затоа што тука ќе бидат згрижени дечиња кои го победиле карциномот со нивните родители.
„Она што не прави исклучително горди е тоа што ова е ваков прв тип на објект кој ќе го добие не само Ѓорче Петров, туку Република Македонија и регионот. Ваков тип на центри имаме во најблиска близина во Љубљана во Словенија и во Франција“, изјави Стојкоски.
Тој заклучи дека на оваа категорија дечиња им е посебно битно делот на ресоцијализацијата, рехабилитацијата и поддршката од секој можен аспект.