петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Стојкоски: Општина Ѓорче Петров стои на располагање за брзо и ефикасно дислоцирање на опасниот отпад од преработка на акумулатори и батерии во село Орман

Стојкоски: Општина Ѓорче Петров стои на располагање за брзо и ефикасно дислоцирање на опасниот отпад од преработка на акумулатори и батерии во село Орман

Оваа нова ситуација која што ја имаме со откриената депонија во Орман, која што е лоцирана на приватен имот е откриена од страна на нашиот општински инспектор за животна средина. Среќа што ние сепак имаме инспектор, дел од општините немаат, во тој дел кубуриме со ресурси. Отпочнати се сите правни процедури како што треба, вчера излезе и државниот инспектор за животна средина, Генералниот инспектор зема мостри точно да се утврди што е и дадени се налози за отстранување на овој отпад од локацијата каде што е пронајден и имаат рок од 30 дена, вели градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во денешното гостување на утринска емисија на Канал 5 телевизија.

Стојкоски посочи дека како општина постапиле законски во согласност со нивните ресурси и ќе прават голем притисок бидејќи е сериозен проблем, се работи за отпад за кој што треба да се обезбеди депонија со А интегрирана дозвола, која што во регионот во Скопје ја нема, а мисли и дека во Македонија не постои таков тип на депонија.

„Тоа е отпад од преработка на акумулатори, батерии што значи оловна преработка, за каков точен тип јас не сум доволно стручен да зборувам, тоа ќе го покажат лабораториските испитувања, но во секој случај е сериозно посебно затоа што местото не е бетонски изолирано, може со секој продор на вода и врнежи на дожд за сето тоа да се влее во почвата и понатаму во подземните води. Јас сум сериозно загрижен, будно ќе го следиме случајот ги повикувам и медиумите заеднички да делуваме со сите форми на притисок за да може сето тоа да се заврши што е можно побрзо за да не ни се случи ситуација како линданот во Охис, кој што со децении стои, сите го знаеме проблемот, но се наоѓаат парцијални или никакви решенија“, рече Стојкоски.

Вели дека општината стои на располагање за обезбедување, ако се потребни, дополнителни средства за дислокација на опасниот отпад, при што додаде треба да има зачестени контроли за да се спречи настанувањето на диви депонии.

„Ние како општина стоиме на располагање ако треба да обезбедиме дополнителни средства и што и да било друго што ќе се побара од нас како законска обврска да го исполниме и со позачестени контроли треба да го спречиме настанувањето депонии на вакви локации. Ние имаме многу отпадни места кои што луѓето ги злоупотребуваат, а тие се оние најубавите покрај реки, во шуми каде што има помала фреквенција на луѓе и на тие места, најчесто, за жал се формираат диви депонии“, истакна Стојкоски.