Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска на денешната собраниска седница на која се расправа за предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи истакна дека воопшто не е во ред овој закон да се носи со европско знаменце и без социјален дијалог, тоа што вклучува нееднакво постапување кон одредена група на вработени значи дискриминација.
„Јас само ќе прочитам да се потсетиме зошто не е во ред овој закон да оди со европско знаме и зошто не е во ред воопшто законот. Прво бидејќи не е во согласност со Конвенцијата за дискриминација број 111 на Меѓународната организација на трудот. Потоа, преставува нееднакво постапување кон одредена група на вработени што значи дискриминација. Начинот на носење на овој закон мора да се спроведе преку социјален дијалог на ниво на економско-социјалниот совет, мора да се изјаснат синдикатите, бидејќи ова ги засега директно работниците и им ги нарушува нивните права. Како и се во оваа дежава ќе се злоупотребува писмената согласност од вработените како што е пракса и во други слични случаи за други права во Законот за работни односи“, истакна Стојкова Серафимовска.
Таа исто така додаде дека тоа што не е јасно определено што значи стратешки национален интерес за државата се остава простор за различно толкување и широко поле за злоупотреби.
„Прекувремената работа се воведува по исклучок, а овој нов основ нема никаква правна логика бидејќи работата за национални и стратешки интереси за државата може да се спроведе и со работа во смени. Не е јасно определено што е тоа стратешки национален интерес за државата, па оттаму се остава простор за слободно и различно толкување и широко поле за злоупотреби“, потенцираше Стојкова Серафимовска.
„Сето ова ќе предизвика големо незадоволство кај работниците, ќе се кренат синдикатите и затоа ние нема да гласаме и да го поддржиме ова законско решение“.