Повеќе од една недела во главниот град може да се забележи зголемено присуство на полициски службеници.
Ваква глетка забележана е пред и во трговските центри на метрополата. Граѓаните зачудени прашуваат на што се должи ваквото присуство на полицијата во овие објекти?
Па оттука почнаа да кружат и разни шпекулации, а истите стигнаа и до тоа дека МВР има сознанија за можни терористички напади.
Редакцијата на КУРИР испрати прашања до Министерството за внатрешни работи, а до овој момент немаме добиено одговор.
-На што се должи големото присуство на полициски службеници во и надвор од трговските центри и дали се вистинити шпекулациите дека МВР има сознанија за планирани терористички напади во Скопје?, прашавме во МВР.
Американската амбасада во Приштина добила известување од Стејт департментот дека „терористичките групи продолжуваат да планираат можни напади во балканскиот регион“.
Амбасадата го добила известувањето на 22 ноември, а како што се наведува, можни се напади и на Косово и Метохија. Меѓународните институции во Косово ги предупредија своите вработени да избегнуваат гужви и големи трговски центри во Косово.
Интересно е што ова предупредување се случи неколку дена пред вооружениот напад во Глоѓан, кога во петокот вечерта беа убиени тројца патници во локалниот автобус.
На travel.state.gov. се споменуваат и неколку локации каде што е потребна претпазливост.
„Терористичките групи продолжуваат да планираат можни напади во регионот на Балканот, вклучително и Косово. Терористите можат да нападнат без предупредување, гаѓајќи ги туристичките места, сообраќајните центри, пазарите / трговските центри, структурите на локалната власт, хотелите, клубовите, рестораните, местата за богослужба, парковите, големи спортски и културни настани, образовни институции, аеродроми и други јавни површини“, наведува американската амбасада на Косово.
Мисијата на ОБСЕ на Косово и Метохија ги повика вработените да бидат внимателни и препорачаа големите трговски центри да не се посетуваат до 30 ноември.
Некои меѓународни организации ги советуваат своите вработени за можен напад на големите трговски центри како „Алби Мол“ и други во Урошевац.
Па оттука се поставува прашањето дали македонските власти стравуваат од можни терористички напади во главниот град?