сабота, 9. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Судиите незадоволни од одлуката на Владата за намалување на платите

Судиите незадоволни од одлуката на Владата за намалување на платите

Судиите, незадоволни од одлуката на Владата за намалување на платите, за април и мај, испратија писмо до Здружение на судии.

“Почитувани, во име на судиите, како и членовите на Здружението на судии при овој суд, во врска со донесената Уредба со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, бр.44-2867/1 од 07.04.2020 година објавена во Службен весник на Македонија , која се однесува и на избраните судии Ве известуваме за следното:

Со наведената уредба со законска сила се интервенира во платите на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно законот за платите на судиите, така што за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата во висина на минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во износ од 14.500,00 денари.

Доколку се имаат во предвид одредбите од Законот за плати на судиите и тоа чл.2 ст.2 од истиот дека платата на судијата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган произлегува дека намалувањето на платите со Уредбата со законска сила претставува интервенција од страна на Владата на РМ- извршната власт во платите на судиите која не е дозволена со закон.

Согласно чл. 8 од Уставот на РМ темелни вредности на уставниот поредок на РМ меѓудругите се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна извршна и судска власт, правна заштита на сопственоста и др.

Според чл.98 Уставот ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Од овие причини судиите сметаат дека наведената Уредба иако е донесена во вонредна состојба истата е спротивна на Уставот и на наведениот Закон за платите на судиите, со Уредбата се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, на владеењето на правото и преставува директна интервенција на извршната во судската власт со што се доведува во прашање и уставно загарантираната самостојнот и независност на судството. Исто така се доведуваат во прашање и повеќе загарантирани основни човекови права со ЕКЧП и чл. 1 од Протокол 1.

Судиите се согласуваат дека во овие тешки моменти кога станува збор за заштита на јавното здравје е потребна солидарност од сите институции во државата и подготвени се доброволно да одвојат дел од своите плати во соодветна висина определена преку надлежните органи на судската власт, но не се согласуваат со присилна интервенција во платите на име солидарност извршена на противуставен и незаконит начин од страна на извршната власт.

Од овие причини предлагаме Здружението на судии да преземе соодветни мерки и правни механизми за заштита на правата на судиите, пишува во писмото, до кое дојде “Фокус”.

Најнови вести