На врвот Кајмакчалан, смртта настапила прво кај планинарката Калина Велеска, а еден час подоцна починал Александар Миновски. Времето на смртта е од извештајот за обдукција направен во солунскиот институт за судска медицина кој за Телма ги потврдил форензичарот Леонидас Мармалакис.
-Миновски Александар, 10-ти февруари, околу 11 часот навечер. Тоа е заведено како време на смрт, истакнал Мармалакис, кој за времето на смртта на Калина рекол дека е истиот ден околу 10 (22) часот.
Обдукцијата утврдила дека причина за смртта е смрзнување, потврдил форензичарот од судска медицина во Солун.
Во грчкиот институт не одговориле на прашањата на телевизијата дали двајцата планинари имале други повреди и скршеници, бидејќи во полицискиот извештај кој го објави Телма во понеделник стоеше дека Александар бил најден во 22 часот во свесна состојба, а спасувачите се обиделе со ремен да го извлечат, но тој им паднал во подлабока бездна и не можеле да го пронајдат.
Еден час по неуспешното спасување, Александар починал, утврдиле во солунската судска медицина.