Министрите во власта не постапуваат по закон, туку по партиски притисок. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во гостување на ТВ Глоби, вели дека министерката за образование и наука, Рената Дескоска, пред да и ги одземе надлежностите на општина Гостивар му се јавила и му кажала дека и се врши страшен притисок од страна на функционери на ДУИ и дека како резултат на тоа практично не и се оди на работа.
– Министерката за образование претходно ме извести по телефон дека има страшен притисок од ДУИ, и дека практично не и се оди на работа од притисокот кој и се вршел за да се одземат надлежностите во образованието, вели Таравари.
Таравари и рекол на Дескоска дека разбира дека ова е една политичка игра.
-Знам дека се врши притисок и врз неа, јас нема што да правам, слободно одземете ми ги надлежностите, како мислите така правете, но ова е кршење на еден од главните столбови на Охридскиот Договор, изјави Таравари.