Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари најави дека проблемите со отпорот на некои родители, дете со даунов синдром да следи настава во училиштето „Единство-Башкими” ќе бидат надминати. Таравари по средбата со таткото на Ембла и раководството на училиштето потврди дека таа ќе се врати во училницата за четврто одделение.
Ваквата одлука дојде по средбата на градоначалникот на Гостивар Таравари, директорот на училиштето Зиадин Нуредини, таткото на Ембла, персоналниот асистент и дефектолог во просторијата во која девојчето добива поддршка од стручно лице.
Таравари појасни дека на почетокот на декември минатата година, неколку родители реагирале и се пожалиле на нејзиното однесување и направиле петиција, но за тоа не бил информиран.
– Во согласност со мајката, девојчето било префрлано во други одделенија за се адаптира. Тука настанал пропуст, бидејќи тоа е не добро за неа која има посебни потреби. Таа може да биде час или два во присуство на личната асистентка и дефектолог во една форма на третман што би придонело за нејзина инклузија. Ова е прв ваков случај во нашата општина и никој не се пожалил, бидејќи има повеќе деца со даунов синдром кои се инклузирани и следат настава. Сепак е добро што седнавме заедно да поразговараме и да се координираме за надминување на оваа состојба. Ембла повторно е во училница и таа треба да се чувствува како да е во нејзиниот дом, изјави Таравари.
Тој смета дека изминативе 4-5 години локалната самоуправа вложува многу за инклузијата на децата со посебни потреби и дека овој случај не ја отсликува состојбата во гостиварската општина.
Таравари напомена дека општеството треба да покаже поголема хуманост и разбирање кон ваквите деца за кои рече дека се „дар од бога” и да бидат прифатени. За него, обелоденувањето на случајот е добро, бидејќи на ваков начин се охрабруваат и други родители кои се соочуваат со вакви проблеми да проговорат за проблемите.
Благодарност за приемот и средбата искажа и Илир Адеми, таткото на девојчето, кој искажа надеж дека ова ќе биде последен ваков случај. Министерот за образование, Јетон Шакири, лично му ветил на таткото на 11-годишната Ембла, дете со Даунов синдром, дека ќе го реши проблемот.
Вчера беше пренесено дека родителите на ученици од ОУ „Единство-Башкими” во Гостивар ја бојкотираа наставата, бидејќи не сакале таа да посетува настава со нивните деца, под изговор дека девојчето било агресивно.