Остануваме доследни кон граѓаните, невозможна мисија е АА да се претопи во ист сојуз со ДУИ која е дегенерирана, рече Арбен Таравари, па порече. По секоја цена ќе се бориме да го задржиме својот интегритет и доследност кон граѓаните. Во таа смисла, невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место, но очигледно сепак ќе се најдат.
„Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации“.
Вака Арбен Таравари во својство на генерален секретар на АА зборуваше во едно интервју за Слободен печат после парламентарните избори во 2020 за тоа дали Алијансата за Албанците би влегла во Влада со ДУИ, но со првиот потег откако дојде на чело на партијата тоа што го нарекуваше „невозможна мисија“ го оствари и не само што влегува во коалиција со ДУИ, туку ја спасува оваа партија за која велеше дека е дегенерирана, криминална и дека е „рак на општеството“ во најкритичните моменти кога ДУИ се соочува со внатрепартиски раскол.
Тоа го потврдува и неговата прва изјава дека е можно Алијансата за Албанците да влезе во Владата која дојде веднаш после отвореното писмо на Огнената група на кое беа потпишани високи партиски функционери на ДУИ меѓу кои имаше и пратеници и заменици министри. Ваквиот потег Таравари му го „измокри барутот“ на Огнената група во ДУИ, а со тоа му ја направи и најголемата услуга на неговиот најголем политички непријател ДУИ за која велеше дека е дегенерирана и на Али Ахмети кого доктор Таравари го нарече „човек со реални здравствени проблеми“.
„Мислам дека Али Ахмети има реални здравствени проблеми. Јас му посакувам набргу да има пријатна пензија, се надевам дека за 1-2 месеци ќе оди таму каде што треба“, рече во една прилика доктор Таравари, а сега токму тој можеби фатен во тесно од делот во Хипократовата заклетва каде што се вели: „Во вршењето на должноста кон болниот нема да внесувам никакви предрасуди во однос на верата, националноста,расата, политичката и класната припадност“ која ја има дадено како доктор, од петни жили се труди да го спаси Али Ахмети од политичка пензија.
И на крај, за неколку позиции во Владата, Таравари излижа сѐ што плукаше и сега заедно со ДУИ и власта која ја нарекуваше криминална ќе спроведува реформи и ќе ја носи земјата кон ЕУ, а за тоа дека за време на преговорите за влез во Владата се зборувало за политички пазарења и само за политички пазарења за челните позиции во одредени ресори, докажува и изјавата на Таравари пред Владата откако излезе од средбата со Ковачевски, на која од АА најавија дека ќе презентираат нивна програма со 5 точки, а Таравари на новинарско прашање не знаеше да ги наведе кои се тие точки.
„Определбата на државата за евроинтеграции, закони за борба против корупција и правна држава, потоа закон за Влада, потоа Бирото за рамномерен регионален развој да биде Агенција за рамномерен регионален развој… и уште нешто што беше не се сеќавам сега. Уште една точка имаше, не се сеќавам“, рече Таравари, а идентично ова прашање го одговори и на албански јазик, кажувајќи дека не се сеќава уште на една точка од неговата програма, па тука се поставува прашањето дали воопшто во целиот процес на преговори се зборувало за програма или имало само борба за што повеќе позиции во Владата за да се задоволат апетитите на одредени поединци во партијата, што по се изгледа дека е второто.