Со голема тага и болка ја примивме веста за смртта на еден од најголемите македонски интелектуалци Љубиша Георгиевски, поранешен Претседател на Собранието на Република Македонија, пратеник и кандидат за Претседател на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но пред се голем хуманист, културен деец, врвен режисер и голем Македонец, се вели во телеграмата со сочувството испратена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека загубата на Георгиевски е загуба за целата македонска држава, интелектуална елита и културната сцена.
-Љубиша Георгиевски е човек кој ја задолжи Македонија со својата неуморна работа и силна посветеност во развојот на културата и остави силен печат во светската културна ризница. Неговото име ќе остане запаметено како еден од најголемите амбасадори и промотори на нашата култура, идентитет и традиција. Неговата политичка мисла и огромна љубов кон Македонија несебично ја споделуваше со светот и со тоа го заслужи местото на еден од најголемите великани на самостојна и независна Македонија за која мечтаеше, за која живееше и која несебично ја градеше. Љубиша Георгиевски несомнено остави неизбришлива трага во своето политичко и општествено делување. Со својот лик и дело, со својата ведрина, посветеност и оптимизам, кои заслужуваат должна почит и вечна слава, ќе остане запишан со светли букви како величина и пример за сите идни генерации на нашата Татковина, стои во телеграмата од партијата.