Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ – Битола, организатор и домаќин на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ продолжи со традицијата на одбележување на роденденот на Тоше Проески. И оваа година велиме – Тоше има само ден на раѓање!, посочија од „Мал битолски Монмартр“.
– Според востановената традиција, токму на 25 јануари доделуваме награди за членови на детското ликоодвно студио „Св.Кирил и Методиј“, кои на наша адреса пристигнуваат од сите страни на светот, но, овој настан го одложивме, превентивно заради пандемијата. Затоа, пак, пред националната галерија ги слушаме и пееме песните на Тоше, и жалиме за големата загуба, кусо информираа од „Мал битолски Монмартр“.
Инаку, во овој период од годината во Битола преку Пошта пристигнуваат пратки со колекции од ликовни цртежи за претстојната меѓународна ликовна колонија.
– Заклучно со денешниот ден пристигнаа околу 1.000 цртежи на млади ликовни уметници од Хонг Конг, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и од Турција, а во најава се и други колекции затоа што рокот за учество на меѓународната детска ликовна колонија завршува на 20 февруари, потврдија од Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ – Битола. (МИА)