Смената на веќе претходната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева без разлика каква и да била е сменета на дивјачки, незаконски и спротивен начин од она што го предвидува законот, Деловникот за работа на Судскиот совет. Постапката е спроведена без правен основ, рече адвокат Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата „24 анализа“ што се емитува на телевизија 24.
Според него се крие во јавноста вистинската причина за разрешување на Дамева и се вели дека тоа е затоа што го криела писмото од американската амбасадорка.
„Како не им е срам да кажуваат вакво нешто. Што мислат дека ние нафта пиеме, како злоупотребуваат име на амбасадор во насока на затскривање на вистинската причина за разрешување на Дамева. Претходната претседателка на Судскиот совет која беше пред Дамева, Павлина Црвенковска даде оставка поради влијание од политичко-бизнис елита, оваа заминува вака на овој крајно незаконски начин. Дали ова значи дека сме го допреле дното, дали има поголемо дно од ова“, посочи Тошковски.
Адвокатот Тошковски посочи дека ова што се случи во Судскиот совет, разрешувањето на Дамева кое беше вчера на 26 април, претходниот ден беше најавено на еден портал.
„Порталот од нивни блиски извори добиле информација дека пет членови веќе се договориле да биде разрешен претседателот на Судскиот совет и се договориле дека причината за разрешувањето е тоа што претседателот сакал да стави на дневен ред точка за разрешување на судијата кој држел одреден предмет девет месеци во фиока во Апелацискиот суд. Исто така пишуваше и дека недостасуваат двајца членови од Судскиот совет кои се во фаза на обработка, на дел од нив се делува дипломатски, а на дел со културни закани по семејствата, така стоеше во порталот. Наредниот ден имаме седница на Судскиот совет и се случува разрешувањето. И таа се разреши со незаконито мнозинство“, укажа Тошковски.
Тошковски го праша Мирослав Вујиќ, исто така адвокат, кој е дел од тимот на СДСМ, кој беше дел од дебатата на телевизија 24, кога ќе дојде она што го ветуваа „нема правда, нема мир“.
„Велевте нема правда, нема мир, ова што се случува сега што е. Кога ќе дојде тоа вашето нема правда, нема мир“, рече Тошковски.