вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Трајкоска Стаменкоска: СДСМ не сака зголемување на платите на просветните работници, туку само груба партизација на образованието

Трајкоска Стаменкоска: СДСМ не сака зголемување на платите на просветните работници, туку само груба партизација на образованието

На лицемерието во СДСМ му нема крај. СДСМ не сака зголемување на платите на просветните работници, туку само груба партизација на образованието. Насилничкото и шверцерското носење на законот со кој се предвидува укинување на механизмите за контрола на квалитетот во образованието е доказ дека СДСМ планира вработувања на наставници и професори на неопределено без положен приправнички испит односно вработувања според партиската припадност, обвини денес Бети Трајкоска Стаменкоска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

-Токму ова е причината поради која што СДСМ и нејзините пратеници подолго време креираат тензии и самоволие овде во Собранието и упорно, по секоја цена го туркаат законот кој ќе значи вдомување на партиските кадри на СДСМ, наместо искрена грижа за просветните работници. Фатени во лагата и намерата за партизација на образованието, пратениците од владејачкото мнозинство стануваат се’ понервозни и поупорни во бранењето на овој штетен закон. Едноставно бранат нешто што не може да се одбрани. Кристално јасно е дека со овој закон платите на просветните работници нема да се зголемат. Тоа го знаат тие, но и целата македонска јавност, истакна таа.

Посочи дека за заштита на правата на сите вработени и просветните работници, тие како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднеле амандман со што се предвидуваше износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата.

-Ова е вистинското решение кое ќе значи вистинско зголемување на платите. Ова е решение на проблемот на просветните работници. Доколку на СДСМ и нејзините пратеници им беше грижа за просветните работници и сакаа зголемување на платите, без размислување ќе го прифатеа амандманот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со кој што ќе имаше скалесто покачување на платите и основната вредност на најнискиот коефициент и бод ќе се изедначеше со износот на минималната плата. Прифаќајки го нашиот амандман, СДСМ на дело ќе покажеше дека нема задни намери и дека работи за доброто на просветните работници. Но, како и секогаш, пратениците од СДСМ одлучија слепо да ја штитат партиската агенда и жестоко да го бранат овој штетен закон за просветните работници. Сепак од оваа говорница, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата јасно и гласно упатуваме порака до владејачкото мнозинство дека нема да дозволиме носење на овој штетен и шверцерски закон со кој уште повеќе се уништува и онака веќе уништениот образовнен процес во Република Македонија, посочува пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Најнови вести