Во оваа судска постапка ќе докажеме дека во основниот проект кој што е доставен од инвеститорот и одобрен од општината прикажани се сите потребни висински коти, апсолутни и прикажано е дека за паркирање се предвидени и одобрени три ката подземни нивоа. Исто така прикажана е апсолутната висинска кота на плочата на приземјето +242.09м како и апсолутните коти на тротоарот, подземната вода, темелењето, проектираната улица, истакна екс-градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, на денешното рочиште во предметот „ТНТ“.
Тој вели дека во судска постапка ќе биде докажано дека инвеститорот го градел објектот спротивно на одобрението за градење односно констатирани се повеќе отстапувања во однос на одобрениот основен проект кој што е доставен од самиот инвеститор.
Трајковски вели дека има докази дека се направени отстапувања во следниове сегменти:
Во однос на габаритот и димензиите изведени се на приземје армирано бетонски плочи и армирано бетонски парапет на местото каде што е планирана рампата за приод на возилата и на местото планирано за скалите за пристап од тротоарот. Во однос на конструктивните отстапувања на приземјето се изведени два столба повеќе кои ги нема во одобрениот проект. Исто така во однос на спратната висина на првото ниво подрум констатирано е дека на лице место е изведено повисоко од одобрената спратна висина во основниот проект. Најголемото отстапување е направено во однос на висината, за +1,43м објектот е изграден повисоко во однос на одобрениот основен проект, односно не е изградено едно подземно ниво наменето за паркирење на 198 возила.
Тој потенцираше заклучок дека најверојатно инвеститорот објектот Космос го изведувал по друг проект кој само тој го знаел, а не бил одобрен од општина Гази Баба.
-Ќе докажеме дека и самиот инвеститор ангажирал фирма за геодетско мерење и тој самиот констатирал дека објектот целосно се гради спротивно на одобрениот проект односно и тој констатирал дека се гради едно ниво подземно помалку наменето за паркирање. Во судската постапка ќе докажеме дека со споредба на одобрениот проект кој е доставен од инвеститорот и изведената состојба на терен лесно се констатира недостатокот на едно подземно ниво наменето за паркирање. Исто така ќе докажеме дека инвеститорот во ниту еден допис не ја оспорува оваа констатација односно и тој самиот имал план да направи рушење на дел од објектот, рече Трајковски.
-Ќе докажеме дека главниот мотив на инвеститорот за градење спротивно на одобрениот проект бил прибавување на поголема финансиска добивка за себе прекшувајќи го законот за градење и при тоа согласно законот за кривична постапка член 244 –а, го сторил кривичното дело- градење спротивно на одобрениот проект, заклучи тој.