Клиниката за трансфузиона медицина контра тврдењата на Државниот завод за ревизија. Една од забелешките која ревизорите ја дадоа е дека не постои организиран систем за вадење и чување на крвта. Екипата на Алфа побара одговори од надлежните. Директорот на оваа клиника, Садула Усеини, не сакаше да зборува пред камера, но објасни дека имале систем за евиденција на крвните единици, проблемот бил што тој не бил компјутеризиран. Директорот тврди дека не се точни и голем дел од другите забелешки во ревизорскиот извештај.
Од институцијата пратија и официјално соопштение со објаснување.
-Крвта односно крвните компоненти се чуваат на соодветен начин според правилата на чување на крв и крвни компоненти… Се врши елиминација во согласност со законот за безбедност на крв и меѓународните правила во случаи кога се открива крвнопренослива болест: хепатит Б, хепатит Ц, ХИВ и сифилис, велат од Клиниката за трансфузиона медицина.
Бурни реакции во јавноста предизвика и квалитетот на кесите кои според ревизорите е лош.
-Станува збор за кеси кои се од врвен квалитет од реномиран производител и истите се користат во Европските Земји. Нормално при процесирање на крвта може да се случи оштетување на кесата (редок случај) и истата се отстранува, велат од Трансфузиологија.
Но, истовремено од Клиниката признаваат дека има неправилности во нивното работење бидејќи во истото соопштение велат дека преземаат мерки за отстранување на забелешките на ревизорите. Оттаму велат и дека во моментов нема недостаток на крвни единици во државата иако граѓаните се секојдневно сведоци на апели за крводарителски акции за лица на кои крвта им е итно потребна.
Извор: АЛФА