четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Три куќи изгореа во големиот пожар во Бељаковце и Руѓенце

Три куќи изгореа во големиот пожар во Бељаковце и Руѓенце

Синоќа изгореа три куќи и две помошни простории во Бељаковце и Руѓенце.

Иако генерално се избегнува ноќно гаснење на пожарите на отворено, овојпат, со храбрите македонски пожарникари одлучивме во текот на ноќта да го нападнеме силниот оган кој проголта две стари но функционални куќи од с. Бељаковце вклучително и две помошни простории во ова село но и една стара напуштена куќа во с. Руѓенце.

Три стари куќи и две помошни простории изгореа вчера во големиот пожар во селата Бељаковце и Руѓенце. Пожарните до доцна во ноќта се обидуваа да стават под контрола огнот.

-Пожарот кој избувна во попладневните часови вчера дополнително се разгоре и прошири во доцните попладневни часови кога веќе беше доцна за полетување на дежурните два полициски и еден армиски хеликоптер како и еден Ер трактор на ДЗС. Бидејќи пожарот се движеше во два правци со линија подолга од еден километар, но најверојатно значително повеќе, а и двата крака дополнително загрозуваа други куќи од овие две села, бидејќи ветрот кој дуваше го движеше огнот многу бргу голтајќи ја пред себе високата сува трева, трња, дрвја, меѓу нив и лесно горливите ниски смреки и други зимзелени дрвја, чекањето на раните утрински часови кога можеа да полетаат двата полициски и еден армиски хеликоптер, ќе предизвикаше дополнителен ризик за куќите и населението во овие две села, информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Покрај пожарникарите од Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка, поради сериозноста на пожарот помош била побарана и од пожарникари Кавадарци, Штип, Свети Николе и Куманово, вклучително и пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе, но и неколку локални жители.

-Околу 00.30 одлучивме да се приближиме на пламените јазици кои на некои места се издигнуваа по неколку метри над земјата голтајќи ги пред себе дрвјата, грмушките и високата сува трева. Опремени со т.н. напртњачи (машини со рачни прскалки со 20 литри вода кои се носат на грб) како и специјални противпожарни метли со метални ленти, исклучително храбрите и пожртвувани пожарникари, со теренски возила ги пренесовме пред самата линија на огнот. На местото на кое го пресретнавме пожарот, огнот гореше многу силно, температурата беше висока и имаше многу чад. Ситуацијата се менуваше од миг во миг. Мојата цел беше сејфти фрст, не смееше да се загрози човечки живот повеќе од она што беше неопходно, бидејќи сите бевме изложени на одреден ризик. Претходно стекнатата голема доверба во нашите пожртвувани пожарникари ме охрабри да бидам рамо до рамо со нив и да им помагам возејќи ги лично со теренското возило на ЦУК. Но сепак на некои моменти се изложивме на голем ризик.

После двочасовна неизвесна борба со огнот успеавме целосно да го изгаснеме овој голем пожар. На двата крака остана по една дежурна екипа пожарникари од ТППЕ Кавадарци и Штип чија задача беше да внимаваат пожарот повторно да не се разбуди. Во овој момент, пожарот не покажува никакви знаци на горење, објаснува Ангелов.

Изгорената површина, според првичните проценки, е значително поголема од 100 хектари.

Најнови вести