За втор стан, за куќа во која не се живее, или за деловен простор што не се користи, данокот на имот треба да биде поголем за трипати во однос на просторот кој се користи. Ова го најави премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле, посочувајќи дека наскоро ќе се отвори дебата за измени на Законот за даноци за имот.
Според Заев, идејата е со законот драстично да се зголеми данокот на имот за сите оние што поседуваат недвижности, а не ги користат, вклучително и земјоделско земјиште, како и државен имот.
– Во него ставаме трипати повисок данок на имот за сите што имаат втор стан, трета куќа, деловен простор, сѐ што не е искористено, пред сѐ од државата – вели Заев.
Тој нагласува дека законот еднакво ќе важи и за физичките и за правните лица, кои поседуваат имот што не е во функција.
– На пример, имаме неискористени детски одморалишта. Во таков случај државата ќе плаќа трипати повисок данок на општината во којашто се тие. Ако не, нека го продаде или нека го изнајми и нека го стави во функција – рече Заев во интервјуто.
Од 1 јули 2005 година со процесот на децентрализација, надлежноста над даноците на имот од Управата за јавни приходи премина кај единиците на локалната самоуправа. Според Законот за даноци на имот, стапката е пропорционална и се движи од 0,1 до 0,2 проценти од нивната пазарна вредност, но со тоа што данокот се намалува за 50 отсто за станот или за куќата во која се живее.
Според решенијата за данок за имот за 2020 година што ги испрати Град Скопје, утврдена е најниската даночна стапка од 0,1 процент и таа важи за стан, или за куќа, во кои не се живее, а стапката е намалена за 50 проценти и изнесува 0,05 проценти од пазарната вредност на станот, или куќата во која се живее.
Пазарната вредност, пак, се утврдува според Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот. Или, еве еден конкретен пример, согласно решение на Град Скопје: данок за имот на стан во кој се живее, кој е во населба Кисела Вода и кој е 59 квадратни метри во зграда од 1965 година, изнесува 1.276 денари, а данокот за станот во кој не се живее, а кој е 30 квадратни метри, во истата населба, изграден 1963 година, изнесува 1.305 денари.
Прогресивното оданочување на данокот на имот е долгогодишна идеја на СДСМ, заедно со идејата за прогресивно оданочување на данокот на доход, за кој дури се донесе и закон во времето на министерот Драган Тевдовски, за да веднаш, по неговата замена со тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, законот се стави во мирување три години.
Интересно е што во програмата „Можеме“, со која СДСМ заедно со коалицијата излезе на последниве предвремени парламентарни избори, ништо не е споменато за законски измени за данокот на имот. Таму пишува дека данокот на личен доход останува 10 проценти, но дека партијата останува доследна на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консензус за негово воведување.
„Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална јавна дебата и преговори, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз“, пишува во Програмата на СДСМ.
Извор: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ