Универзитетот во Тетово денеска организираше „Отворен ден“ со цел да се промовираат можностите за студирање на оваа високообразовна институција за академската 2023/2024 година, а воедно имаше и Саем на кариера. Во универзитетските простории беа поставени штандови на сите 13 факултети, со цел матурантите да се запознаат со потребните информации за студирање.
-Студентите и вработените ги презентираа понудите за новата академска година, начинот на настава, како се одвива процесот на настава, лабараториите, распоред на предавални, предавања со цел матурантите што подобро да се насочат за нивниот понатамошен професионален развој и создавање кариера. Универзитетот во Тетово во учебната 2023/2024 нуди 92 студиски програми во првиот циклус. Има задоволителен број на матуранти кои покажале интерес за одблиску да се запознаат со академските понуди и студиски програми, истакна Ибрахим Незири од ДУТ.
Според него, вообичено 2000 студенти се запишуваат во прва година, а заедно со втор циклус се 2500.
-Минатата година имавме 30 отсто зголемување на бројот на студенти. Оваа година не знаеме колкав ќе биде бројот, но се надеваме дека ќе биде како минатата година. Има многу фактори што влијаат некаде околу 5 отсто од матурантите да го избираат УТ, но година од година се разликува, генерација од генерација се разликува, се надеваме дека идната година ќе имаме бројка на студенти која ја очекуваме, истакна Незири.
На Саемот на кариера се претставија 35 компании со кои универзитетот има партнерство кои нудат поддршка за стипендирање или обука.