Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) организира трибина на која ќе се дебатира за тоа зошто се потребни измени во Законот за вработени во јавниот сектор и во Законот за административни службеници.
Трибината ќе се одржи утре, а според организаторите, најавено е присуство на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, професори по административно право, како и претставници од синдикати и невладини организации.
Синдикатот на УПОЗ се уште останува на ставот дека е потребно комплетно отварање и измени на двата закона или носење на сосема нови закони.
Еден од најбитните недостатоци на овие два закони, според УПОЗ, е неможноста одредени области и прашања да се регулираат со колективен договор бидејќи во постојните законски одредби во целост е испуштена или ограничена обврската за потпишување на вакви договори. Со постојните закони, како што посочува УПОЗ, Синдикатот е исклучен и од учество во изготвување на сите подзаконски акти кои ги уредуваат правата на вработените, а во однос на начинот на оценување на вработените, забелешка е дека им се дава можност на непосредно претпоставените службеници оценката да ја дадат од субјективни причини.