Вработените во управата и правосудството во четврток и петок ќе ја прекинат работата два часа, од 10 до 12 часот, барајќи исплата на минимална плата и линеарно зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари. Ќе се протестира во сите институции каде Синдикатот на УПОЗ има синдикални организации како што се министерства, агенции, фондови, управи и судови.
„Ќе има прекин на работата. Известени се и Владата и министерства, сите работодавачи. Ги замолувам граѓаните на трпение, не е многу, два часа се, меѓутоа тие два часа можат да пораснат и да бидат осум часа прекин“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на денешната прес-конференција.
Како пример дека институциите не го почитуваат Законот за минимална плата, од УПОЗ го посочуваат примерот со објавениот оглас од Министерството за финансии за референт писар, работно место за кое е предвидена плата од 14.909 денари што е пониска не само од важечкиот износ на минимална плата од 18.000 денари, туку и од претходниот износ на минималецот од 15.142 денари.
Во 95 проценти од институциите, како што кажа Деаноски, се исплаќа плата под минималната, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат платата, а оние што веќе ја исплатиле, направиле грешки и исплатиле само минимална плата без стаж.
Инаку, досега од Владата не добиле покана за преговори, а притисокот од членството, како што велат од УПОЗ, е голем и се бара прекинот на работата да продолжи.
„Се надеваме дека Владата и надлежните ќе имаат барем малку сенс и ќе направат напори овој период да разговараме и да најдеме начини за решавање на нашите барања, но изгледа дека Владата не е заинтересирана за преговори со нас, иако тоа го вети. Она за што предупредувавме минатиот пат се оствари и скоро во сите институции во управата и правосудството на вработените не им се исплаќа минимална плата. Досега, над 95 проценти од институциите продолжуваат со исплата на плата под минимална плата. Останатите пет проценти, дел не знаат што да прават и не ја подготвуваат платата, а оние што се потрудиле да исплатат минимална плата направиле катастрофални грешки во исплатата на истата. Повторно вработените од управата и правосудството остануваат единствените во државата со плата под минамалната плата, рече Деаноски.