Се уште е активен пожарот кај селата Дивље и Крушје во Петровец, и се шири кон ливади со сува трева, а изгаснат е оној кај селата Раовиќ и Буковиќ, како и кај Топлица во Прилеп, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Согласно состојбата со пожарите до 8 часот, од ШС Караџица известија дека пожарот кај селата Дивље и Крушје е се уште активен и се шири кон ливади со сува трева.
Тие известуваат дека ќе продолжат со гаснење во текот на денешниот ден. Пожарот вчера навлезе во атарот на селото Џидимирци во Велес. Денеска во раните утрински часови екипа на ШС Бабуна Велес излегле на терен и констатирала дека во текот на ноќта врнело дожд и истиот е изгасен.
Според известувањето од лицето за контакт од ЕЛС Сарај, пожарот кај селото Раовиќ е изгаснат, т.е. не се гледа димење или оган и тоа благодарение на интервенциите во текот на вчерашниот ден и врнежите од дожд.
Интервенирале 20 припадници на Армијата, ШС Јасен со тројца вработени; НП Јасен со вработени; БППЗ со тројца пожарникари со ПП возило, и хеликоптери на Армијата.
Пожарот кај селото Топлица, поточно од селото Ракле кон Крстец е изгаснат. Интервенираат припадниците на ШС Црн Бор Прилеп, со шест вработени.